Реакции почнаа да стигнуваат откако Бирото за развој на образованието го објави наставниот план за шесто одделение.
Од наставниот планможе да се види дека од следната учебна година шестоодделенците географија, биологија, хемија и физика ќе ги учат споени во еден предмет наречен природни науки, а историјата воопшто ја нема како предмет.
Како што објави порталот Факултети, од Македонското географско друштво истакнаа дека во рамките на Природно-математичкиот факултет во Скопје со институтите во негов состав и соодветните струкови друштва за географија, биологија, физика и хемија се преземаат активности за запирање на реализација на концепцијата заклучно со шесто одделение, така што во продолжение наставните планови во седмо, осмо и деветто одделение би останале непроменети.
– За таа цел, деновиве ќе бидат испратени писмени реакции до надлежните државни институции, како и реализација на непосредни разговори на највисоко ниво. Се надеваме дека тие активности ќе придонесат за зачувување на статусот на наставните предмети географија, биологија, физика и хемија, велат оттаму.
Според наставната програма за предметот Природни науки за шесто одделение, објавена на страницата на БРО, децата ќе имаат три часа неделно по овој предмет, а предметот може да го предава лице кое завршило факултет за некоја од четирите природни науки.
Тоа значи дека некој што студирал, на пример, двопредметни студии физика-информатика, ќе треба да има познавања и од географија и од биологија и од хемија и да предава природни науки