Декемвриската магија станува уште побогата, а новогодишната еуфорија поприсутна со случувањето на музичкиот проект „Come fly with me“ со Павле Камилоски. Овој проект за прв пат ќе се случи во Скопје како предновогодишен музички настан на 26.12.2019 година, со почеток од 20 часот.
Извонредниот и наградуван баритон, Павле Камилоски на својот предновогодишен концерт во МНТ ќе изведе голем број на хитови од Френк Синатра, Дин Мартин, Мајкл Бубле и останати, како и Божиќни песни кои ќе ја пренесат празничната еуфорија помеѓу присутната публика. Основната идеја на музичкиот спектакл е воздигнување на љубовта и збогатување на скопскиот новогодишен и божиќен дух преку прекрасните и заводливи евергрини и новогодишни песни препеани со нови аранжмани.
По успехот кој го постигна со своето ремек дело „Мала Италија патува“, Павле Камилоски, неодамна беше награден со меѓународно признание во Неапол, Италија – „Амбасадор на Италијанската музика за 2019 година“ во Источна Европа.
Павле продолжува да цели кон воспоставување на ниво на културни настани во светски рамки со организација, продукција, изглед, атмосфера и музички перформанс. „Come fly with me“ ќе оддаде почит кон едни од најслушаните артисти и љубовта во секоја смисла на зборот преку лична, оригинална изведба на евергрините, додека нејзиниот звук нежно ќе танцува низ градските светилки.
На сцената на Павле ќе му се приклучат еминентни и искусни музички имиња од Македонија, заедно со нежни балетски уметници.
Останати се карти во мал број и се пуштени во продажба онлајн преку www.mnt.mk и на билетарницата во МНТ.
Повеќе информации на facebook и instagram.