„Ќе се бориме за федерализирање на Македонија и за остварување на апсолутното право на Албанците да бидат државотворен и суверен народ во С. Македонија“, го објави информативната агенција на албански јазик ИНА соопштението на Движењето Илирида.
Агенцијата го објавува текстот со наслов „Движењето Илирида ги објави барањата за унапредување на албанската кауза“.
Најавувајќи дека „ќе има национална програма, која ќе произлезе како потреба по досегашните неуспеси на албанските партии“ и оти ќе биде регистрирано, Движењето Илирида ги наведува „програмските точки“ на таа програма:
„Федерализирање – апсолутно право да бидеме како Албанци државотворен и суверен народ во С. Македонија; албанскиот јазик да биде официјален јазик на сите рамништа и на целата територија на С. Македонија, со целосно право за употреба и во меѓународните комуникации; Знамето, химната и грбот и другите државни симболи и ознаки, кои се користат во С. Македонија да бидат на два јазика и да ги содржат симболите и историските вредности и на нашиот албански народ; Буџетот на државата да се распределува на линеарен начин“, гласат четирите барања.
Движењето Илирида во своето соопштение изнесува и став дека „С. Македонија како држава треба да се состои од два столба на државотворноста, кои заеднички ќе бидат носител на државниот суверенитет“ и им „поддава рака на соработка на сите албански партии од позицијата и од опозицијата и на секој неодреден поединец, кој е патриот“.
„Старата идеја со нови заложби за создавање ‘Република Илирида’, како политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија, повторно испливаа на јавната сцена. Аналитичарите уште од порано имаат оценето дека и идејата и промоторите на Илирида се прагазени од времето“, објави германски Дојче веле на 31 мај лани во коментарот со наслов „Нови пробни, или издишани балони за „Илирида?“, откако и тогаш беше најавувана ваква „национална програма“ со барање за „федерализација на Македонија“.