Владејачкиот СДСМ наместо да нуди решенија за состојбите во Македонија, пред почетокот на матурските прослави, се „прослави“ со табло со „класниот“ на опозицијата.

Партијата која е на власт им продава на граѓаните „таблоа за решенија“ и објави фотографии од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и партискиот лидер Христијан Мицкоски наредени како на матурско табло и своето „врвно дело“ го нарече „неработниците и класниот“.

Членовите и симпатизерите на СДСМ го споделуваат нивниот производ, односно таблото, откако вчера опозицијата почна со активна блокада на Собранието, а СДСМ ги обвини дека „работат на штета на граѓаните“ и побара да ги вратат платите и патните трошоци.

На првиот ден од блокадата, пак, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ вчера на собраниска седница се појавија со транспарент со порака „Активна блокада за спас од националната катастрофа“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека и денеска ќе ја продолжат блокадата.

-Активната блокада продолжува и денеска. ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на сè што не е во полза на граѓаните и на сè што не е нужно за државата, а значи оптоварување на буџетот или полза на СДСМ и ДУИ. Ковачевски да се охрабри и да се спроведе дијалог за предвремени парламентарни избори. Избори се потребни час поскоро, соопштија од опозициската партија.

Откако вчера не успеаја да одржат седница, спикерот Талат Џафери за денеска напладне закажа нов обид за одржување на 71. седница која започне вчера, но не беше утврден ниту дневниот ред.

За збор на оваа седница се пријавени 37 пратеници од опозицијата, а на дневен ред се неколку годишни извештаи, повеќе предлог-закони, главно од областа на финансиите и одбраната, како и предлог – одлуки.