Со изречените парични казни поради нарушување на редот во судот, апсолутно не е доведена во прашање повредата на правото на мислење и слободата на изразување на мислата, се наведува во издвоените мислења на Уставниот суд за одлуката за поништување на решенија на Основниот кривичен и на Апелацискиот суд Скопје за парични казни на адвокатите во постапката на предметот за настаните од 27 април, соопшти поладнево Кривичниот суд.
-Основниот кривичен суд Скопје со исклучителен респект кон Уставниот суд на РСМ како орган и кон одлуките кои овој суд ги носи, има за потреба да ја извести јавноста дека неможе да се согласи со одлуката У.бр. 57/2019 со која се утврдува поништување на решенијата, но во целост ќе ја почитува. Кривичниот суд го цени фактот дека одлуката на Уставниот суд на РСМ не е донесена едногласно и дека истата содржи и издвоени мислења на одредни уставни судии на кои мислења се приклучува, се наведува во соопштението на Кривичен.
Појаснуваат дека со поништување на одлуките на Кривичниот и Апелациониот суд , Уставниот суд на постапува како инстанционен суд, а, додаваат, таква надлежност нема, односно Уставниот суд на нема надлежност да поништува одлуки на редовните судови.
Претходно, Уставниот суд ги поништи решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд со кои парично беа казнети адвокатите Павлина Зефиќ и Панче Тошковски во предметот за настаните во Собранието од 27 април.
„На адвокатите им е повредено уставното право на слобода на мислата и на јавното изразување на мислата“, велат од Уставниот суд, од каде што потенцираат дека слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност.
Зефиќ и Тошковски, кои поднесоа претставка до Уставниот суд против решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд, беа меѓу повеќето адвокати кои ги застапуваа обвинетите за настаните од 27 април и кои беа парично казнети и отстранети од судењето.
Адвокатите беа казнети откако се пожалија на условите во кои се одвиваше распитот на загрозениот сведок во старата зграда на Кривичниот суд, каде што беше префрлен распитот поради технички пречки во новиот објект на судот. Бидејќи за нив немало место, тие биле префлрени во делот за јавноста, а на нивната рекација им била изречена парична казна.