Со сто илјади долари-грант од Амбасадорскиот фонд на САД во наредните две години комплетно ќе се ревитализира и конзервира манастирот „Света Богородица Елеуса“ во селото Вељуса, кај Струмица. Договорот за користење на грантот во дворот на манастирот го потпишаа амбасадорката на САД во нашата земја, Кејт Мари Брнз и министерот за култура, Хусни Исмаили.

Грантот за реставрација и зачувување на црквата и нејзините фрески е дел од постојаната програма на Стејт Департментот на САД, познат под името Амбасадорски фонд за културна заштита.

-Овој извонреден споменик е потврда за богатата и трајна историја на Северна Македонија. Црквата „Света Богородица Елеуса“ стои овде повеќе од илјади години, а некои од фреските датираат од пред осум века. Замислете ги илјадниците посетители кои поминале низ овие простории за да искажат восхит и биле трогнати од овие цртежи. Верници, свештеници, аџии, кралски семејства, туристи и обични граѓани нашле утеха и инсипирација во овие уметнички дела во изминатите осум века, рече амбасадорката Кејт Мари Брнз во своето обраќање.

Министерот за култура, Хусни Исмаили истакна дека не може да го сокрие задоволството што ќе се реставрира овој црковен бисер, кој е денес е еден од најрепрезентативните споменици на уметноста од средно византиската епоха зачувани на македонската територија.

-Црквата е основана пред крајот на 11 век, дарувана со многу феудални привилегии и скапоцености. Нејзините градители имаат влијание од  современите архитектонски решенија од византиската престолнина и се одраз на непосредните влијанија од цариградската градителска традиција, истакна министерот за култура, Хусни Исмаили.

Гостите ги поздрави викарниот епископ отец Јаков од Струмичката епархија на МПЦ-ОА, кој ја истакна големата благодарност до амбасадата на САД за чувството за грижа, не само за културното наследство тука, туку и насекаде низ светот. Додаде дека црквата „Света Богородица Елеуса“  е своевидно архитектонско чудо во светски рамки и сведочи за архитектурата и уметноста  која се негувала во 11 век и единствена од тој тип во нашата држава.

МИА