Скришно од јавноста, без медиуми, денеска беа пуштени во употреба нови објекти во психијатриската болница во Бардовци кај Скопје, кои се изградени во времето на претходната влада предводена од поранешниот премиер Никола Груевски и до сега стоеа празни и надвор од употреба.
Директорот Ќамил Ковачи, како што објави Инфомакс, си направил партиска забава со пуштањето во употреба на објектите на кое присуствувале министероте за здравство во заминување, Беким Сали и дел од локалните лидери на ДУИ.
– Денеска ја имав честа заедно со министерот за здравство Беким Сали да пуштаме во употреба три одделенија кои се изградени и реновирани целосно, и тоа две одделенија каде ќе бидат сместени наши корисници со хронична болест, кои се финансирани и изградени од Mинистерството за здравство, и едно одделение реновирано и финансирано од сопствените средства на болницата каде ќе бидат сместени корисници на нашите услуги кај кои е определена судска мерка за лекување во Психијатриска болница Скопје, објави на Фејсбук директорот Ковачи.
Сите овие инвестиции, додава Ковачи во објавата, се направени со една цел за подобрување на нашите услуги кои ги нудиме на нашите корисници и подобри услови за персоналот кој е ангажиран во ЈЗУ Психијатриска болница Скопје.