Лекарите во Србија, според Законот за здравствена заштита донесен овој месец, може да примат непарични подароци во вредност до 462 евра.

До оваа пресметка, како што пишува Политика, јасно се доаѓа бидејќи прописите предвидуваат дека здравствените работници во Србија смеат да примат непарични подароци чија поединечна вредност не преминува 5 отсто од просечната плата, а вкупната вредност не преминува просечна нето плата од 54.521 динар (462 евра).

Значи, според тоа повеќе нема да се третира како корупција ако пациентите ги наградуваат лекарите со подароци, но и натаму останува ставката дека не смеат да бараат и да добиваат пари.

Во Министерството за здравство објаснуваат дека тие ги прифатиле препораките на Агенцијата за борба против корупцијата и на овој начин го дефинирале проблемот во оваа област.

Но, во Здружението Доктори против корупцијата сметаат дека на овој начин всушност се врши легализација на бакшишот и дека оваа ставка во законот го пречекорува здравиот разум.