Унгарскиот парламент донесе закон според кој финансиска или материјална поддршка на групи кои поддржуваат влез на мигранти во таа земја, ќе бидат оданочени со 25 отсто.

Како што пренесува Асошиејтед прес, тој специјален данок е дел од антимигрантската политика на премиерот Виктор Орбан, кој смета дека масовното влегување главно на муслимански мигранти во Европа претставува закана за нејзината христијанска култура.

Законот е усвоен во состав на пошироки даночни измени во законите во Унгарија, а приходот од новиот данок ќе може да се користи за одбрана на границите на земјата, и со тоа ќе се покриваат трошоците на државата.

Промовирањето на миграцијата, како што се наведува во законот, вклучува медиумски кампањи, семинари, како и пропагандни активности со кои миграцијата се претставува во позитивно светло.

Европската комисија поради овој закон во Унгарија упати писмо со предупредување, што е прв чекор во покренувањето постапка против државите членки на ЕУ.