Пред пратениците следната недела во Собранието ќе се најде новиот текст на законот за Јавно обвинителство, со кој Специјалното јавно обвинителство ќе се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Опозицијата го прифаќа владиниот предлог за интегрирање на СЈО во ЈО, но не прифаќа истото да го предводи обвинителката Вилма Русковска. За министерката за правда, пак, Рената Дескоска, случајот „Рекет“ само го збрзало реализирањето на идејата да се интегрираат СЈО и ЈО.
Премиерот Зоран Заев во петокот на прес-конференција најави дека следната недела во Собранието ќе биде предложен новиот текст на законот за Јавно обвинителство, во кој се вградени оние точки за кои е разговарано со опозицијата и со сите пратенички групи и кои се прифатливи за сите, ако не за најголемиот број пратеници.
Новото СЈО ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Македонија.
Сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа владиниот предлог за интегрирање на Специјалното јавно обвинителство во ЈО, но не прифаќа истото да го предводи обвинителката Вилма Русковска.
– Со спојувањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во Јавното обвинителство односно со припојувањето, на некој начин со влегувањето, тоа е практично прифатливо и тоа е една од да речам оние можности кои што беа понудени. Во однос на деталите на законот веднаш штом ќе биде анализиран ќе излеземе со конкретни забелешки, бидејќи треба време за целиот закон да видиме колку е поразличен од оној ние што го подготвувавме, колку е поразличен од точките кои беа разговарани на средбите на преговарачките тимови, рече вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Министерката Дескоска, пак, вчера истакна дека идејата за интегрирање на СЈО во ЈО била ставена на маса од страна на Министерството, во преговорите со опозицијата за новиот закон за ЈО и вели оти очекува ВМРО-ДПМНЕ да го прифати законот предложен од Владата затоа што одделението за организиран криминал покажало дека може да се справи со случите на висока корупција.
Според неа, случајот „Рекет“ само го забрзало реализирањето на идејата да се интегрираат СЈО и Јавното обвинителство.
Обвинителката Русковска, која сега е шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вчера рече дека не била консултирана за новиот закон за јавно обвинителство и била изненадена од објавата за него. Веројатно ќе има некои забелешки за законот кој се уште не го видела детално. – Сметам дека Вишото обвинителство треба да ги застапува предметите на новото обвинителство пред Апелацискиот суд, рече Русковска.
Според неа, новото обвинителство може да го отвори од почеток предметот „Империја“.
Законот за Јавно обвинителство и решавање на статсусот на СЈО, заедно со засилената борба против корупцијата, е и едно од барањата на ЕУ за почеток на преговори за членство. Според европските претставници во земјава, доколку се усвои законот за јавно обвинителство тоа ќе покаже дека партиите се способни заеднички да се договорат околу суштински работи, бидејќи законот не се носи само за ЕУ, туку за сите граѓани на земјата.