Комисијата за надворешна политика на Бугарија усвои документ со кој се осудуваат, како што пишува, актите на насилство врз Бугарите во Македонија, нивните организации и клубови, вклучително и нападот врз Пендиков. Декларацијата, чија содржина ја објавни бугарски БГНЕС, а насокоро треба да се најде на пленарна седница, содржи девет точки во кои се бара преземање систематски мерки од сите институции за откривање и санкционирање на сторителите.
Во членот 7 се наведува дека „се отфрлаат лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на Македонија и се прифаќаат како намерно влевање омраза против Бугарија и Бугарите“.
Во членот, 6, пак, се вели:
„Противење на измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година, кои го дискриминираат и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија. Овие промени може да ги попречат и предодредат активностите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“.
Меѓу 9-те точки од кои се состои Декларацијата се наоѓа и обвинение дека Македонија не го спроведува Договорот за добрососедство и пријателство, кој инаку е интегриран во нашата преговарачка рамка со Европската Унија.
„Приговор на трајно неспроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република … Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година“, пишува во документот.
Во Декларацијата јасно и недвосмислено предупредуваат дека доколку бугарско малцинство во Македонија не влезе во Уставот, се става во прашање преговарачкиот процес со Европската Унија кој е во фаза на скрининг. Па се поставува прашањето, дали со овој документ, Бугарија бара оправдание за ново вето за Македонија?
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, во последните настани во Македонија гледа обид земјава да биде втурнат под руско влијание.
-Се додека не ги најдат виновниците и не ги изведат пред лицето на правдата, ние ќе се залагаме тоа да се случи. Во секој случај, ова ги поткопува огромните напори што ги направивме за да ги натераме Македонија и Албанија на патот кон Европската Унија. Меѓутоа, овде гледам обид за враќање на Македонија под руско влијание, намерно, и тоа се прави многу активно. Во никој случај не треба да бидете заведени.- ојко Борисов, претседател на ГЕРБ