Со допис потпишан од 14 пратеници, грчката опозициска партија Нова демократија, бара од министерот за надворешни работи на Грција, Алексис Ципрас, во Парламентот да биде доставено, а потоа и јавно објавено писмото со оставката на Никос Коѕијас.

– Неодамнешната оставка на господинот Никос Коѕијас од позицијата министер за надворешни работи директно се поврзува со раководењето на владата на критични прашања што се однесуваат на надворешната политика на земјата, како што се: текот на прашањето со името на ПЈРМ и Договорот од Преспа, споменувањата на министерот за национална одбрана во врска со отстапувањето воени бази во рамките на одбранбената соработка Грција-САД, јавно доставување, од истиот, алтернативни планови за балканската политика, како и администрација и водење на прашањата во Министерството за надворешни работи, пишуваат пратениците од Нова демократија во нивното барање и објаснуваат дека од моментот кога самиот Коѕијас преку изјава побара да се објави оставката, тогаш не се поставува никакво прашање за доверливост или карактеризација како личен допис.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во врска со барањето на Нова демократија, надлежниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија, Јоргос Кумуцакос, кој е еден од 14. потпишани пратеници, истакна дека Ципрас вчера ја поништил одлуката на Коѕијас за проширување на територијалните води, а Владата на аматерски начин ги води важните прашања во надворешната политика и на товар на националните интереси.

– Незамисливите работи што се случуваат во последно време се поврзуваат со отстранувањето на господинот Коѕијас. Затоа, денеска бараме, со процедурата за доставување документи, да се достави во Парламентот, и конечно и во јавноста, писмото со оставката на поранешниот министер за надворешни работи, наведе Кумуцакос.