Најголемата грчка опозициска партија Нова демократија побара од грчката Влада да ги објави сите податоци што ги поседува за располагањето со тајните фондови.

Како што јави МИА од Атина, во соопштение под наслов „Ципрас, Каменос и Коѕијас да ги објават нивните доверливи тајни“, партијата нагласува дека она што го пишуваат медиумите во врска со раководењето со тајните државни фондови е важно политичко прашање.

– Господинот Каменос кој го обвини господинот Коѕијас за нетранспарентност во располагањето со доверливите фондови на Министерството за надворешни работи, треба уште денеска да ги објави сите податоци што ги има. Како и господинот Коѕијас, кој очигледно неслучајно побара да се проверат средствата со кои раководи Каменос како министер за одбрана. Управувањето со државните фондови не се однесува само на рамнотежата во Владата и на меѓусебно уценетите нејзини лидери, туку и на целото грчко општество. Владата и лично Ципрас треба на граѓаните да им дадат јасни одговори, се наведува во соопштението на Нова демократија.