Зоолошката градина во Скопје ги подготвува живеалиштата за пристигнување на новите животни годинава.

На 12 хектари во Зоолошката градина во Скопје, која постои од 1926-та година, живеат околу 85 различни видови животни од секој крај на светот.

– Животните кои живеат тука се можност за секое дете, па и секоја возрасна личност, да запознае нешто ново, да биде дел од нов свет. Оваа година го надминавме и бројот на посетители за 5 отсто повеќе од минатата година за истиот период. Како расте интересот за зоолошката градина така напредуваме и се надградуваме. Оваа година сите, и посетителите и ние, со нетрпение го очекуваме пристигнувањето на новите животни чии живеалишта веќе се подготвуваат, истакна директорот на зоолошката градина Скопје, Јорданчо Милошевски.

За да се обезбеди дополнителна нега на животните Зоолошката градина потпиша Меморандум за спонзорство со Вивакс Македонија. Благодарение на ова спонзорство, како што кажа Милошевски, Зоолошката градина ќе биде во можност да им обезбеди дополнителна нега на животните.

– Многу е важно да ја заштитиме нашата животна средина, да ги згрижиме животните, и во целост да се фокусираме на одржување на добри практики кои ќе не насочат кон тоа да си ја обезбедиме иднината. Затоа Вивакс како компанија денешното потпишување за меморандум за спонзорство го смета како инвестиција во иднината, порача Филип Трифуновски, претставник на оваа компанија во Македонија.

Со Меморандумот за спонзорство е предвидено и високо квалитетни клима уреди кои ќе имаат задача да ја заштитат и приспособат климата на некои од животните во самата зоолошка.