Новата министерка за финансии Нина Ангеловска денеска го презема управувањето со Министерството за финансии.
Министерката оствари средба со заменик министерката за финансии Ширет Елези и државниот секретар Јулијана Петановска, на која се дискутирани тековните активности на Министерството за финансии.
Ангеловска на позицијата министер за финансии доаѓа од приватниот сектор. Таа е основач на „Групер“ – компанија за е-трговија. Ангеловска докторирала менаџмент на Економскиот факултет во Скопје. Има бројни домашни и странски признанија. Германскиот магазин „The Hundert“ ја вбројува во листата на 100 успешни жени основачи на старт-апи, а магазинот „Forbes“ ја наградува со признанието „30 под 30“ за Европа во категоријата малопродажба и Е-трговија. Во 2017 година Ангеловска иницира основање на првата Асоцијација за е-трговија и станува нејзин претседател. Од 2018 година Ангеловска е член на УО на Европската аоцијација за Е-трговија ЕМОТА. Во 2019 таа станува и член на УО на Стопанската комора на Македонија.
Ангеловска во интервју за МИА истакна дека ќе се вложува во проекти што ќе донесат економски раст и ќе ја намалат невработеноста. Таа посочи дека Министерството го очекува амбициозна агенда и реформи, како мерката за стимулирање раст на платите, што е предвидена со претстојаниот ребаланс на буџетот.