Кабинетот на Зоран Заев ќе претрпи измени, а министерот за финансии ќе добие наследничка.
Како што објави ТВ Алсат три дами конкурираат за наследничка на министерската фотелја за финансии. На чело на Министерството за финансии, како што неофицијално дознава телевизијата, во трка се Нина Ангеловска, Татјана Штерјова и гувернерката Анита Бежовска Ангеловска, а предност имала коосновачот и извршен директор на платформата Групер, Нина Ангеловска.
По разрешувањето на Драган Тевдовски во јуни, со Министерството за финансии управува заменик-министерката Ширет Елези, а политиката во овој ресор ја води премиерот Заев. Тој првично предложи да биде и министер за финансии, но од Антикорупциската комисија дадоа мислење дека Заев нема право биде и премиер и министер.
Како што објави Алсат, од фунцијата заменик министер за економија ќе се повлече Кире Наумов и ќе замине во Македонската банка за поддршка на развој, а на негово место, во ресорот што го предводи Крешник Бектеши доаѓа една од кандидатките кои се споменуваат за финансии.
Последната реконструкција на Владата беше направена во јуни. Тогаш Садула Дураку, од министер за екологија, беше назначен за министер за политички систем и односи меѓу заедниците, додека Насер Нуредини го презеде ресорот екологија, Хисни Исмаили беше назначен за министер за култура, Трајан Димковски за земјоделство и Горан Милевски за локална самоуправа.