Спротивно на Законот, институтциите во Македонија веќе почнале да добиваат План за вработување за идната година со изменет т.н. Балансер, објави ТВ Алфа.

Министерот за информатичко општество и администрација си играше „весела математика“ па во збирот ги додал сите Албанци – и оние што живеат тука, и оние што се во странство, па дури и на дел од непопишаните самиот им ја одредил етничката припадност. Сега, Владата го корегирала, но ги тргнала само административно попишаните па така се дошло до процентот 29,5.

Спорна е и оваа пресметка бидејќи според Законот за вработување во јавниот сектор бројот на новите вработувања по припадност на заедница се прави според податоците од последниот попис на населението кои живеат на територијата на Македонија.

„Во институциите на јавниот сектор кои се основани од страна на централната власт а кои дејноста, односно надлежноста ја вршат на централно ниво и/или преку подрачните единици или други организациски единици на локално ниво, како основ за распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница, се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за територијата на цела Република Македонија“, стои во Законот за вработени во јавниот сектор, член 20, став 4

За формирањето на Балансерот предупредија и од Државна статистика дека единствена валидна категорија е бројот на резидентно население.

Според податоците од Пописот во Македонија живеат 58.44 отсто Македонци и 24.3 отстоАлбанци.

Бидејќи голем дел од Македонците во дијаспората го бојкотираа Пописот, вкупниот број попишани Македонци е помал односно 54.21%, а вкупниот број попишани Албанци е поголем односно 29.52%. Владата спротивно на законот ја одбрала повисоката бројка.

Алфа побарала став од Владата и до ресорното министерство, од Владата ги упатиле во ресорот администрација, а оттаму не добиле одговор.

Видеото со прилогот на ТВ Алфа може да го отворите ТУКА.