Изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ ќе заврши во 2021 година, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.

-Тоа ќе биде во текот на оваа година, но подобро е точниот датум да го кажат тие што градат, кажа Новак.

Русија може да ја заврши изградбата на „Северен тек 2“ и да почне со испорака на гас за Германија уште ова лето, изјави минатата недела претседателот на Комитетот за енергетика на руската Државна дума, Павел Завални.

Гасоводот „Северен тек 2“, што директно ќе ги поврзува Русија и Германија со цевковод поставен на дното на Балтикот, паралелно со гасоводот „Северен тек“ поставен во 2011 година, е долго критикуван стратешки проект.

Балтичките држави, Полска, Украина и САД отворено се противат на овој проект.

Со доаѓањето на Џо Бајден на власт во САД, имаше поголем американски притисок, дури и санкции за компаниите вклучени во проектот.