Поединци кои во времето на претходната власт доставуваа „бомби“ до тогашната опозиција, која сега е на власт, беа јунаци, предложувани за награди, беа величени како свиркачи, но сега поединци кои информираат како се работи во власта предводена од СДСМ, истите им пречат.
Некои од нив и денес се користат како сведоци за „злоделата на бившиот режим“, но сега стандардите за свиркачите се сменети, па тоа што на актуелнава власт и годеше додека беше опозиција, сега кога е на власт и пречи да се изнесува во јавноста „што и како се работи во институциите“.
Денеска во врска со ова изјава даде и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски:
– Во секоја од институциите на системот има одредени лица кои даваат информации за случувањата во нив до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Спасовски.
Тој напомена оти никогаш не кажал дека постојат параполициски структури во МВР.
-Имаме индиции во медиумите, објавени извештаи кои ги прават одредени структури на ниво на комисии од опозициската партија за следење на одредени настани и поднесување на такви извештаи, појасни министерот по настанот за доделување сертификати за завршена обука за идентификување на потеклото на пожарите, што се одржа во Центарот за обука во Идризово.
Одговарајќи на новинарско прашање дали некои од тие лица се приведени нагласи оти се анализираат сите докази со кои располагаат и додаде дека ќе се консултираат со другите надлежни институции за натамошното постапување.
Министерот Спасовски вчера од собраниската говорница одговарајќи на пратенички прашање истакна дека постои ваква тенденција во институциите. Тие луѓе вработени во МВР или други државни институции даваат информации за состојбите во институциите до група за проценка во партијата.
Спасовски посочи дека до него стигнал списокот со сите луѓе, кои се задолжени од администрацијата, јавните претпријатија и од Министерствата да ги испраќаат таквите извештаи до партијата.
– Тоа не се полициски службеници кои ги даваат тие извештаи. Тоа се луѓе дел од некаква комисија за безбедност, а според извештаите биле потпишани од Оливер Андонов, Никола Николов, Александар С. Ѓорчески и Александар Ѓеорѓиевски и таквите извештаи ги доставуваат до партијата, претседателот Мицкоски и во електронска форма до групата за проценка која е составена од поранешни функционери од делот на безбедносните служби од опозицијата, рече вчера Спасовски.
За потсетување на настани што се случија не така одамна.
– Се вративме на местото на кое припаѓаме, ни рече телефонски Ѓорѓи Лазаревски, кој потврди дека се вратиле на работа во МВР, гласи веста објавена минатата година.
„Лазаревски заедно со Ѕвонко Костовски еден од двајцата вработени во УБК кои ги изнесоа материјалите со нелегално прислушувани разговори во 5-тата управа, кои потоа го добија името „бомби“ и открија многу случаи на коруптивно и криминално однесување на функционери од децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, објави ТВ Телма во прилог од 20 декември минатата година.
Натаму во веста за Костовски и Лазаревски се додава дека „за тоа во 2015-та заработија и обвинение во случајот Пуч, од кое потоа СЈО се откажа“.
„Денеска им бил прв работен ден, поставени се на соодветни позиции во УБК, а биле примени и од министерот Спасовски кој на Фејсбук напиша: „За професионалците секогаш ќе има место во МВР“. Враќањето во МВР претставува сатисфакција за она што го направивме, а сега е вистинско време за тоа откако се расчисти случајот, ни изјави телефонски Лазаревски“, е наведено меѓу другото во веста што беше објавена по овој повод.