Собранието на Македонија во рамки на денешната 31. седница треба да го избере составот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
За членови на Комисијата се предложени Игор Јадровски, дипломиран правник од Скопје, Неда Чаловска Димовска, дипломиран правник од Скопје, Лимко Бејзароски, политиколог и доктор по историски науки од с. Пласница, Ирфан Деари, лекар специјалист од с. Боговиње, кои се со мандат од пет години, додека Кире Василев политиколог од Битола, Исмаил Камбери, магистер по правни науки, и Весна Бендевска, психолог од Битола, се предложени за мандат од три години.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница на 5 јануари годинава ја утврди предлог листата на кандидати за членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
На денешната 31. седница Собранието исто така треба да го избере новиот состав на Државната изборна комисија.
Парламентарните партии кои освоија најмногу гласови на минатите избори СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ до претседателот на Собранието доставија инфомации со поддршка за кандидатите за членови на Државната изборна комисија (ДИК). До Кабинетот, до 10 часот не беше пристигнат официјалниот предлог од Алијанса на Албанците.
СДСМ информирала дека ја дава поддршката на Борис Кондарко и Радица Ристеска, кои се актуелни членови на Комисијата, како и на Оливер Ристовски, поранешен заменик министер за правда.
ВМРО-ДПМНЕ веќе соопшти дека професорот Александар Даштевски ќе го предложи за престедател на ДИК, а поддршка дадоа и за Бобан Стојаноски, кој работи како правник во Собранието.
ДУИ ја поддржала кандидатурата на Дитмире Шеху, актуелен потпретседател на ДИК, која е предложена да остане на оваа функција.
Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива, според партиски извори, ќе го поддржи Кренар Лога, правник од Струга.
Имињата на поддржните кандидатури од страна на партиите треба да бидат утврдени на седница на Комисијата за прашања на избори и именувања што е закажана за 11 часот, а потоа старо-новиот состав на ДИК треба да биде изгласан на пленарната седница закажана за напладне. Составот на ДИК треба да биде изгласан со двотретинско мнозинство.