Во организација на земјоделските здруженија од јужна Белгија за денеска во Брисел се најавени нови протести на земјоделците, кои се совпаѓаат со заседанието на министерскиот Совет за земјоделство и рибарство на ЕУ.
Според најавите на организаторите, како што јави дописникот на МИА од Брисел, земјоделскиот протест ќе започне во 11 часот кај плоштадот Шуман, близу зградите на институциите на ЕУ.
Бриселската полиција соопшти дека поради најавениот протест, од 6 часот утрово за сообраќај ќе бидат затворени пристапните улици кон зградите на Советот на ЕУ и Европската комисија, а можно е да има блокади или застои и на околните улици. Посочувајќи дека блокадите би можеле да траат до доцните попладневни часови, полицијата им препорача на жителите на Брисел да не се движат со своите возила во правец на т.н. европски кварт на градот и наместо тоа да го користат јавниот превоз.
Целта на денешниот протестен собир е да се изрази „незадоволство од неодамнешните одлуки на Европската комисија“, кои беа донесени како одговор на земјоделските протести во Брисел одржани на 1 февруари.
Како реакција на протестите на земјоделците, Еврокомисијата предложи отстапувања од правилото на четири отсто од обработливото земјиште на фармите поголеми од 10 хектари да бидат засадени трева, жива ограда или дрва, воведено како дел од мерките за намалување на штетното влијание на земјоделството врз животната средина и климата, како и ограничување за увозот на живина, јајца и шеќер од Украина.
Но, земјоделците бараат и замрзнување на одредбите од договорите за слободна трговија на ЕУ со трети земји во делот на увозот на земјоделските производи, запирање на преговорите за склучување договор за слободна трговија меѓу Унијата и државите од Јужноамериканскиот заеднички пазар (Меркосур) – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, како и утврдување на „силна заедничка земјоделска политика на блокот насочена кон поддршка на земјоделството“.
Во рамките на ЕУ со земјоделство се занимаваат околу 10 милиони лица, за чија поддршка од Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година се предвидени 386,6 милијарди евра, што претставува една третина од вкупната вредност на европскиот Буџет.
Меѓутоа, според земјоделските здруженија, проблемот на е во висината на средствата предвидени со Буџетот, туку во „нерамномерната распределба на помошта за европските земјоделци“.
Тие посочуваат дека дури 80 отсто од буџетските средства наменети за земјоделството завршуваат во големите агроиндустриски бизниси со кои се опфатени само 20 проценти од земјоделските производители, додека четири петтини од земјоделците, пред се оние со мали и средни семејни фарми, добиваат многу мал дел од финансискиот колач.
На последниот голем земјоделски протест во Брисел одржан на 1 февруари, земјоделците, пред се од Белегија, но и од неколку други европски земји, го блокираа градот со над 1.000 трактори. Инаку, главна тема на денешниот состанок на министрите за земјоделство и рибарство во земјите членки на ЕУ во Брисел е „потребата од итен и системски одговор на актуелните состојби во земјоделскиот сектор“.
Фото: МИА Архива