Зоран Заев денеска изјави дека не е прифатливо тврдењето дека македонскиот јазик и народ произлегуваат од бугарскиот и оти за нас црвените линии се дека нема преговори за идентитетот на Македонците и за македонскиот јазик.
Тој ова го посочи по завршувањето на седницата на СБ, одговарајќи на новинарско прашање за написот во Политико, според кој наводно на ниво на амбасадори во Брисел е понудено компромисно решение Бугарија да се согласи за почеток на првата Меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, дека ќе признае јазикот и македонскиот идентитет, но од македонска страна ќе се бара дека јазикот и нацијата имаат бугарски корени.
-Можам да кажам само дека Грција го призна нашето право на самоопределување, тоа е наше чувство и секако дека преговори по нашиот идентитет и нашиот макеонски јазик нема и не треба да има. Бугарија е пријателска земја и јавно истакнува и за признавањето на македонскиот јазик и македонскиот народ. Таа ја признава реалноста. Верувам дека работните групи кои разговаараат ќе најдат решенија. Навистина очекувам од бугарскиот народ, од „лидершипот“ на Бугарија да направи конкретен прецизен чекор за македонскиот јазик и за македонскиот народ. Напоменувам дека нема да има нов договор, ниту анекс на договор, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.
Ние, додаде, сме подготвени да ги допрецизираме работите ако за тоа има потреба, се разбира во рамки на веќе потпишаниот договор со Бугарија.
-Постигнати се многу успеси досега, одржани се 10 седници. Најдени решенија за пет историски личности, за три историски периоди. Продолжуваме и натаму. Водиме грижа еден за друг за разговорите така се гради пријателството, истакна премиерот Заев.
Тој ги охрабри членовите на билатералната комисија, како што потенцира, во духот на пријателството да ги најдат сите наши заеднички историски периоди кои не поврзуваат во заедничката историја, за заедно да ги славиме и тоа полека и повеќе да не зближува како два добри соседа и како две пријателски земји.
-За двете страни голема вредност е да се постигне решение. Само така им гарантираме иднина на граѓаните во насока на соработка пријателство и подобра иднина. Факт е дека ние имаме заедничка историја, таа не само што е потврдена во договорот и ја има и во нашите и бугарските учебници. Имало низ вековите наназад заедничка историја. Ако бидеме паметни со доминантен фокус на иднината може заедничката историја да ја искористиме како убава можност за да постигнеме договор и компромис, рече Заев.
На ист став е и претседателот Стево Пендаровски.
-Наша позиција е јасна. Преговори за идентитетот на македонскиот народ и за македонскиот јазик немало никогаш и кога ја правевме Преспа и кога го потпишавме Договорот добивме содржина со чиста формулација влезена во најголемата светска организација со 193 земји членки – македонски јазик. Точка. Толку. Од тие наши линии ние нема да отстапиме и безрезервно ќе ги браниме, рече Пендаровски.
Запрашан како ќе се најде компромис ако секој се држи до своите позиции, тој рече дека тоа ќе се направи исто како што се нашол компромис со Грција.
– 25 години преговаравме додека не сфативме што е за нив битно и за нас апсолутно најважно и на крај дојдовме до договор преку компромис. Мора да го почитувате условно кажано и својот политички опонент во преговорите. Убеден сум дека бугарските највисоки раководители се на ставот дека македонскиот јазик и Македонците како нација се реалност и тие ќе го признаат тоа, рече претседателот Пендаровски.