Бројот на жртвите од коронавирусот во Грција, се искачи на 20 лица, откако денеска беше соопштено од претставникот за Ковид-19 од Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас, дека уште три лица починаа, додека пак потврдени се 48 нови случаи, односно вкупно 743 лица во земјата се заразени со коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Хоспитализирани се 134, од кои 60 отсто се мажи, додека пак 45 се приклучени на апарати, a повеќето од нив имаат здравствени проблеми.

Заменик – министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, на денешната прес конференција рече дека во новите 48 случаи соопштени денеска, вклучени се и граѓани, вкупно 21, од 263 кои што се вратиле од Барселона и Мадрид и се во карантин во хотел во Атина.

Хардаљас истакна дека била спречена „санитарна бомба спремна да експлодира“.

-За жал, нашите стравувања беа потврдени. За жал за сите оние кои побрзаа со негативни критики, беа демантирани. За среќа за општеството, државата го стори она што требаше. Ве информирам дека беше спремна да експлодира една санитарна бомба, со што ќе се забрзаше ширењето на вирусот во земјата и покрај мерките и жртвувањата на сите нас за да го спречиме најлошото, рече Хардаљас, објаснувајќи дека одлуката за изолација била базирана на конкретни модели што се спроведуваат и во други земја.

Заменик – министерот за цивилна заштита на Грција рече дека од извршена 161 контрола на лица кои не се заразени до Ковид-19, но постои одреден ризик, бидејќи биле во контакт со потврден случај и се во домашна изолација, осум не биле во нивните домови и им е изречена казна од 5000 евра.

Паралелно, најави дека од утре, ќе бидат построги мерките за забрана за движење на граѓани.