Сите кучиња од територијата на градот Скопје, кои откако ќе бидат заловени и ќе го поминат третманот и здравствените прегледи од стручните лица во ЈП Лајка, наместо да се враќаат назад на локацијата каде што биле заловени, како што тоа беше случај досега, ќе бидат згрижувани во затворот Идризово, кој ќе биде нов дополнителен капацитет за потребите на Лајка.
Како што објави Слободен печат, станува збор за простор во рамките на затворот, кој откако ќе биде соодветно опремен, значително ќе помогне во чувањето и во грижата на заловените кучиња, кои со години скитале низ Скопје.
– Јавното претпријатие за благосостојба на бездомни животни Лајка успешно се справува и ги третира кучињата бездомници во градот Скопје, но дел од нив по хуманиот третман, според законот треба да се вратат назад од локацијата каде што биле заловени. Заедно со ЈП Лајка и КПИ Идризово го решаваме овој долгогодишен проблем. Обезбедуваме простор во рамките на затворот, кој ќе биде нов дополнителен капацитет за потребите на ЈП Лајка, со што се проширува постојното одделение за вдомување на кучињата. Во овој објект е предвидено Лајка да ги сместува сите заловени кучиња откако ќе го поминат третманот и здравствените прегледи, наместо да ги враќа назад на матичната локација, со што ќе се зголеми и периодот за кој граѓаните ќе можат да вдомат куче доколку се заинтересирани, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.
Во моментот заловените кучиња се носат во просториите на Лајка, кои имаат капацитет привремено да згрижат околу 100 кучиња.