Додека ураганот Флоренс и натаму беснее низ Северна Каролина, на терен излегуваат храбрите репортери со цел да им докажат на луѓето пред малите екрани дека ситуацијата е сериозна.

Еден од нив бил и новинарот Мајк Сидел кој за време на преносот во живо пробувал да остане на место додека, барем како што тоа изгледа, го туркале силните ветрови.

Ништо од целата ситуација не би било чудно доколку во еден момент позади него не прошетале двајца мажи со лесен чекор како ништо да не се случува, а Мајк набрзо станал вирален хит.

“Толку драматично! Се бори за живот додека двајца позади него опуштено шетаат”, “Кое претерување. Дури се наведнал во правец на ветерот наместо во обратен”, се само дел од коментарите со кои корисниците на Твитер му се потсмеваат на новинарот.

Во одбрана на својот репортер застанал каналот “Weather Channel”.

“Важно е да се истакне дека двајцата луѓе позади него одат по бетон, додека Мајк пробува да одржи рамнотежа на мокра трева откако цела вечер известуваше од терен. Дефинитивно е исцрпен”, им соопштиле тие на гледачите.