Мандатарот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски денеска до Собранието треба да ги поднесе новиот состав на Владата, како и владината програма, откако по синоќешните седници на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ ги објави имињата на членовите на владиниот кабинет.
За вицепремеир за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е предложена Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, за вицепремир задолжен за економски прашања коориднација на еконсмките ресори и инвестиции – актуелниот Фатмир Битиќи, за вицепремир за европски прашања е предложен Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда.
За министер за одбрана е предложена Славјанка Петровска, пратеничка во СДСМ, поранешен заменик министер за внатрешни работи во техничката влада, за министер за внатрешни работи – актуелниот Оливер Сапсовски, за министер за правда проф. д-р Никола Тупанчевски од Правниот факултет во Скопје, за министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој и порано раководеше со овој ресор.
За министер за труд и социјална политика – Јована Тренчевска – директорка на Државниот инспекторат за труд, за министер за култура Бисера Костадинова-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ и претходно порофесор на Педагошкиот факултет при Универзитетот во Битола. За министер за транспорт и врски е предложен актуелниот Благој Бочварски. Од сите нив Ковачевски, очекува максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното.
– Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизвици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. Поставуваме навистина високи цели, но сигурен сум дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме, порача Ковачевски.
Како што нагласи, Владата предводена од СДСМ ќе остане посветена на стратешките цели, евроатлантските интеграции и полноправно членство во ЕУ.
-Нашата цел да составиме стабилна Влада, со јасни принципи на делување во интерес на граѓаните и државата е исполнета. Задоволен сум како течеше целиот процес, во позитивна и конструктивна атмосфера, посветени на одговорноста за подобра иднина на сите наши граѓани, рече Ковачевски, најавувајќи дека примарен фокус во следните месеци ќе биде ставен на силен одговор на глобалната енергетска криза која се надоврза на веќе тешката економска состојба предизвикана од Ковид-пандемијата.
Веќе има подготвен план, се подготвуваат сет мерки за директна поддршка за граѓаните и стопанството, кои ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните, но и помош за компаниите.Во Буџетот се резервирани 130 милиони евра, а се прават анализи за алокација или обезбедување повеќе средства. Со посветена работа и вистински економски политики очекува континуиран раст на вкупната економија од 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно. Најави драстично зголемување на домашните приватни и корпоративни инвестиции и влез на странски директни инвестиции, но многу повеќе нивно поврзување со домашните компании. Фокусот ќе биде и на намалување на невработеноста, која до крајот на мандатот, како што рече, се планира првпат да биде едноцифрена. Ќе се продолжи и со зголемувањето на платите и пензиите. Согласно анализите, просечната плата ќе ја надмине висината од 500 евра месечно и ќе продолжи да расте.
Владата, како што рече, нема да дозволи граѓаните да останат без парно греење во зима. Според законите, укажа, целата инфраструктура за затоплување со парно греење е во надлежност на Град Скопје. Град Скопје, посочи, треба да биде свесен дека треба и тие да предвидат мерки, кои очигледно не се предвидени во рамки на нивниот буџет за справување со оваа криза.
-Без оглед на тоа, економскиот тим во Владата веќе одржа состанок на кој се разгледа ситуацијата и прво сите владини институции веќе плаќаат цена за топлинска енергија по пазарни услови, што значи според цената на гасот која ја набавува операторот на системот во Град Скопје. Како второ, Министерството за финансии обезбеди финансиски средства на БЕГ за набавка на гас од Развојната банка на Република Северна Македонија. Средствата им се понудени, но за тоа БЕГ како приватна компанија треба да понуди гаранција со која ќе го обезбеди кредитот, според пазарни, банкарски услови. Доколку тоа не се случи тогаш се разгледува опција за времено прземање на работењето со компаниите во Скопје кои се задолжени, согласно своите лиценци, да обезбедат топлинска енергија на граѓаните на Град Скопје, информира Ковачевски.
Потсети дека ЕСМ доби јасна задача да воспостави производство во сите расположливи капацитети. ЕСМ моментно произведува со два блока, во тек е пуштање и на третиот блок во РЕК Битола. Пуштена е во погон и електраната во Осломеј, „КОГЕЛ“ веќе работи, а се работи на пуштање на вториот котел во Неготино. Со тоа,наведе, се задоволени сите потреби на „ЕВН Хоум“, кои ги задоволуваат потребите на граѓаните. Владата исто така донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност при првиот удар на енергетската криза и зголемувањето на цената на елекктричната енергија, од 18 на пет проценти.
-Исто така со средствата кои се префрлаат на ЕСМ како производител на струја, се обезбедуваат прво суровини за прозводство на електрична енергија, и второ електрична енергија доколку за тоа има потреба, за балансирање и за задоволување на потребите на пазарот, за компаниите, рече Ковачевски.
Состојбата со ковид-пандемијата внимателно се следи, а во координација со Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб заеднички ќе делуваат во заштита на здравјето на граѓаните. Вакцинацијата и натаму останува приоритет и неа, рече, треба дополнително да ја интензивираме.
Во однос на евроинтеграциите потенцираше дека имаме јасни позиции. Република Северна Македонија, нагласи, има четири последователни позитивни извештаи за пристапување кон ЕУ и треба да ни биде доделен датум за одржување на првата меѓувладина конференција.
– Во однос на нашите позиции што се утврдени во Парламентот, македонскиот јазик, македонскиот идентитет се нашите црвени линии, бидејќи ние сме Македонци кои живеат во Република Северна Македонија, рече Ковачевски.
На новинарско прашање како очекува да се постигне напредок кога на вчерашниот Совет за безбедност во Бугарија се потврдени цврсти позиции дека нема да отстапат од ветото доколку не бидат исполнети нивните пет плус едно барање, Ковачевски повтори дека е добро доколку се разговара за прашања што се свртени кон иднината. Според него, тоа е број еден, бидејќи на тој начин може да се врати довербата, прво помеѓу двете влади и довербата помеѓу граѓаните на двете држави.
Ковачевски најави и градежна експанзија во инфраструктурата. За две и пол години финиширање на најкрупните делници на Коридорот 8 и Коридорот 10, но и продолжување на реконструкција на магистралните и регионалните патишта. Целосно завршување на примарната и секундарна гасоводна мрежа во целата држава и поставување на условите за почеток на користење за домаќинствата, како и нови инвестиции во еколошки и обновливи извори на енергија.