Издавачката куќа „Антолог“, која во последните неколку години остави силен печат во македонското издаваштво со квалитетните наслови и одлични преводи, неодамна ги почести читателите со ново дело на македонски автор што несомнено ќе си најде почесно место во домашните библиотеки.

Иако скромно најавено пред годинашниот Саем на книгата, „Сфинга на гневот“, новото литературно чедо на Жарко Кујунџиски (Spectator, Америка) полека и сигурно си го тапка патот до читателската публика и беше најпродаван наслов на штандот на „Антолог“.

Движејќи се меѓу границите на мистеријата и книжевниот трилер, Кујунџиски создал интригантен и вешто смислен роман, жанровски и стилски палимпсест, со кој пристапува во досега неистражени предели на нашата проза.

Оваа книга е една мистерија исполнета со симболи на секој чекор. Во неа се испреплетени историјата, митологијата, психологијата и општествените случувања.

„Сфинга на гневот“, според писателот Владимир Јанковски, е „комбинација од трилер и книжевна мистификација, со фина нота на љубов и верба во литературата. Нетипично дело во контекст на македонската романескна продукција во последните години, книга која и тематски и жанровски излегува и од досегашното прозно творештво на Кујунџиски“.

Пред читателите се наоѓа роман читлив и интересен за сите вкусови. И за оние што бараат приказна во која ќе уживаат на „плажа“ и за оние што сакаат многу повеќе од тоа, што сакаат да размислуваат и да наоѓаат паралели и неоткриени слоеви во ракописот долго по читањето.

„За мене лично „Сфинга на гневот“ е и потрага по смислата на постоењето на секого од нас како личност, но и артикулиран глас против поделбите на Балканот,“ вели Кујунџиски.

„Сфинга на гневот“ е одличен избор за љубителите на историјата на градот Скопје, за љубителите на поезијата, за трагачите по мистерии. Книга која не се чита брзо, те тера да се навраќаш одново на некои делови, ама книга која дефинитивно нема да те пушти да ја оставиш сè до последната страница.

Или што би рекла една од читателките, ‘Сега со други очи го гледам градот Скопје’.

Е.Б.