Работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим соопшти дека не предлага затворање на музејот, туку преименување во Музеј на македонската борба за државност и самостојност.

На Министерството за култура му предлага и формирање стручна комисија која ќе направи нова историска поставка во музејот во која, според оценка на работната група, доминантно место треба да имаат оригинални документи и предмети, а помалку восочни фигури, уметнички слики и сценографии. Тие сметаат дека сегашната поставка не е научна, туку театарска.

Работната група под претседателство на историчарот Александар Литовски и петте членови (Донка Барџиева-Трајковска, Елеонора Петрова, Златко Теодосиевски, Гордан Николов и Жарко Трајановски) назначена во март, до Министерството за култура доставила елаборат од 31 страница – од увидот и анализата на документацијата во музејот од што произлегуваат и препораките.

Литовски денеска на средба со новинарите рече дека очекува Министерството за култура да ги прифати нивните предлози и стручна екипа да изработи нова поставка која, како што рече, треба повеќе да обрати внимание на сегашноста и иднината, да поттикнува соработка и соживот, а не да прави поделби во општеството.

– Од 13 оддели во музејот, осум се чисто за историјата на МРО, ВМРО, ТМОРО, односно континуитет од 1893 од 1991 година, а и во другите пет оддели повторно, индиректно се зборува за дејците на ВМРО низ историјата, рече Литовски.

Донка Барџиева-Трајковска, член на работната група, рече дека анализирале обемен материјал од околу 270 документи за да ја следат хронологијата на изградбата на музејот. Утврдиле дека се прекршени четири закони – за буџет, за спроведување на буџетот, за музеи и за заштита на културното наследство.