Масовните протести на опозицијата, кои почнуваат на 16 февруари ќе продолжат се до соборување на Владата на Еди Рама и формирање преодна влада.
Ова, во име на обединетата албанска опозиција за тиранската телевизија Ора њуз го изјави Дашамир Шехи, лидер на партијата Движење за национален развој, додавајќи дека протестите ќе бидат уште еден предизвик за опозицијата да ја измери својата сила и отпор.
-Имаме еден план, план А, да го отстраниме Еди Рама. Ќе протестираме се додека не замине тој, ќе покажеме дали сме доволно силни да ја завршиме оваа работа или не, изјави Шехи.
Во врска со апелот на меѓународната заедница опозцијата битката да ја води во законодавниот дом, тој, вели дека задача на опозицијата е „да биде и во собраниската сала, но исто така и на страна на граѓаните на улица“.
-Странците воопшто да не се вознемируваат. Ние сме во Парламентот, но ние исто така ќе одиме и на улица на овие протести, посочи тој.
Шехи не верува дека ќе се повторат, како што вели, шаторите бидејќи договорот од 18 мај 2017 година според него е неуспех на опозицијата.
Албанската опозиција пред две години, по неколкудневните протести на улица продолжија со протест во поставениот шатор пред Владата во Тирана, барајќи исполнување на барањата: заминување на премиерот Еди Рама и формирање техничка влада, како услов за спроведување слободни и фер парламентарни избори.
Сепак, еден месец пред изборите Рама и Баша, на 18 мај 2017 година, се договорија со што беше ставен крај на протестите. Со договорот опозицијата доби вицепремиер, шест технички министри, претседател на Централната изборна комисија и народен правобранител, како и одложување на изборите за една недела. Опозицијата не беше задоволна од исполнувањето на ветеното и обвини за кражба на гласови на изборите што се одржаа на 24 јуни.