Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера се сретна со двајца претставници на „Обединети Македонци во Канада“, претседателот Ристо Дурловски и членот Душко Јанков.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателката, Дурловски и Јанков ја запознале Сиљановска Давкова со животот и успесите, но и со проблемите и предлозите на припадниците на македонската дијаспора, врзани за учеството во економските, политичките, образовните, научните и културните односи во татковината.

-Неспорно е дека македонската дијаспора од Канада е неразделен дел од македонското национално ткиво, се согласија соговорниците – се вели во соопштението.

Претседателката ги информирала за усвоената Национална стратегија за дијаспората, како чекор напред во градењето заедништво преку различни форми на соработка, насочени кон нивно полесно и побрзо интегрирање во македонскиот општествен живот, како и за тековните активности околу формирањето на Советот за дијаспора во рамките на нејзиниот кабинет, предочувајќи им ја можноста и потребата да номинираат свој претставник во него.

-Нашинците изразија интерес за учество на дијаспората на парламентарните и претседателските избори, за потесна комуникација со Агенцијата за иселништво, како и за интересот за институционално учество во процесот на одлучување во татковината, особено за прашања што директно ги засегаат, како на пример, консултирање при номинацијата на амбасадор и конзули во Канада, но и за други – се вели во соопштението.

Исто така, во разговорот, Дурловски и Јанков предочиле дека релативизацијата на географијата и далечината, со подемот на вештачката интелигенција и дигитализацијата, кај најмладите генерации на македонска дијаспора, го зголемува интересот за запознавање, студирање, работа и живот во земјата на нивните родители и претци.

На крајот, претставниците на македонската дијаспора од Канада и укажале на претседателката на обврската да ја посети Канада и на лице место да ги собере, види и чуе мислењата на нашите иселеници за прашањата што ги засегаат, а тие, нејзините.

Фото: Кабинет на претседателката