Министрите за надворешни работи на Јужна Кореја, Кина и Јапонија денеска се сретнаа во јужнокорејскиот пристаништен град Бусан со цел да ја обноват соработката меѓу соседните земји и да подготват трилатерален Самит.
Уште во 2098 години Сеул, Пекинг и Токио се согласија на годишни средби, но тие не се одржуваа редовно поради билатералните спорови и пандемијата. Последна средба на лидерите на трите азиски земји беше во 2019 година.
– Пред сè, важно е да се продолжи со институционализирање на трилатералната соработка за таа да стане стабилен и одржлив систем, изјави шефицата на јужнокорејската дипломатија Парк Џин.
Таа денеска имаше одвоени средби со јапонскиот и со кинескиот колега, Јоко Камикава и Ванг Ји.
Парк и Камикава го осудија лансирањето на првиот севернокорејски шпионски сателит минатата недела и се согласија да ги засилат реакциите на договорите за оружје помеѓу Пјонгјанг и Москва, се истакнува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја.
Камикава, сепак, ја опиша како крајно жална одлуката на јужнокорејскиот суд за Јапонија да плати компензација на група жени принудени да работат во борделите на јапонската армија за време на Втората светска војна.
Високиот кинески дипломат Ванг Ји посочи дека Пекинг е подготвен да работи со Токио и Сеул за да ја врати трилатералната соработка на вистинскиот пат и да се залага за нејзин стабилен и одржлив развој.