Обединетото кралство ќе успее во борбата против пандемијата од новиот коронавирус, изјави британската кралица Елизабета Втора во своето вечерашно вонредно обраќање до нацијата од дворецот Виндзор.
Во својата мотивирачка порака таа им се заблагодари на луѓето дека ги почитуваат владините препораки, седат дома и ги пофали оние кои „се обидуваат да им помогнат на другите“.
Кралицата, исто така, им заблагодари на сите оние кои се на „првата линија на фронтот“ во борбата провид Ковид-19, додавајќи дека „секој час нивна работа не приближува кон враќањето во понормални времиња“.
Обраќањето на кралицата доаѓа во момент кога бројот на починатите од коронавирусот во Британија достигна 4.934 лица.
– И претходно сме се соочувале со предизвици, но тоа е различно, истакна Елизабета Втора.
– Овојпат им се придружуваме на сите нации во светот во заедничкиот напор, искористувајќи го големиот напредок на науката и нашата инстинктивна емпатија, за да се лекуваме. Ќе успееме – и тој успех ќе му припадне на секој од нас, нагласи таа.
Британската кралица додаде дека „треба да останеме мирни, иако треба уште да издржиме, повторно ќе дојдат подобри денови, повторно ќе бидеме со пријателите, со семејствата, ќе се сретнеме повторно“.
Деведесет и три годишната кралица изјави дека „болното чувство на одвојување од најблиските“, кое го предизвикува социјалното дистанцирање кај луѓето, потсетува на искуствата на евакуираниѕе деца за време на Втората светска војна.
– Сега, исто како тогаш, ние знаеме длабоко во себе си, дека тоа е правилно и треба да се направи. Заедно се справуваме со оваа болест и сакам да ве уверам дека ако останеме обединети и решителни, тогаш ќе ја надминеме, додаде таа.
Вонредната телевизиска порака е петта која кралицата Елизабета Втора ја снимила во текот на нејзините 68 години поминати на престолот, исклучувајќи ги новогодишните обраќања.