Албанскиот претседател Илир Мета денеска доби одговор од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на писмото испратено на 26 јули, со кое бараше организацијата „да ја одигра улогата на медијатор за да се надмине повеќемесечната длабока политичка криза во која земјата“.

Во документот високо се оценува довербата на Мета кон ОБСЕ, но се потенцира дека олеснувањето на дијалогот може да биде успешно само со согласност и учество на сите релевантни страни преку широк национален процес.

– ОБСЕ и нејзините институции, во рамките на нивниот мандат, ќе бидат подготвени да обезбедат поддршка за таков сеопфатен процес. Таквата поддршка може да се фокусира, на пример, на конкретни предлози за реформи, како што е изборна реформа. Затоа, ги охрабруваме сите страни да истражуваат заедно со релевантните извршни структури за потребната техничка помош, вклучително и врз основа на препораките на ОДИХР поврзани со изборите, се наведува во одговорот на ОБСЕ.

Мета официјалното барање до ОБСЕ го испрати ден по средбата во Тирана со генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, од кого побара организацијата да посредува во албанската политичка криза преку сеопфатен дијалог, бидејќи „оваа институција е потребна и може да спречи ескалација на кризата, што може да биде опасност и за регионот“.