Германските вооружени сили досега обучиле околу осум илјади украински војници.
„Очекувам дека до крајот на годината ќе обучиме околу десет илјади војници, во околу 200 модули за обука“, изјави генерал-полковник Андреас Марлоу, командант на мултинационалната единица за обука.
Таа воена единица се наоѓа во Штраусберг во близина на Берлин и управува со мисијата за обука ЕУМАМ на Европската Унија, почната пред една година. ЕУМАМ обезбедува темелна обука и низа специјализации, како што се оние за медицински лица, снајперисти и тенкисти.
Марлоу рече дека со текот на војната се менува и акцентот на обуката, од одбранбени во офанзивни операции.
Генерал-полковникот рече дека Украинците минуваат низ шестнеделна основна обука, по што следат шест недели специјализација, пренесува ДПА.