Скопското обвинителство поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“ со која се опфатени шест лица и тоа медицинскиот директор, организацискиот директор на Клиниката и четворица онколози, меѓу кои и еден поранешен директор.

„Првото обвинение се однесува на економското работење на болницата и опфатени се две лица- медицински директор и организациски директор на клиниката. Обвинети се за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата“, соопшти обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.

Таа појасни дека делата ги извршиле во временски период од 2018 до 2022 година и прибавиле значителна имотна користи за друг од над 2,2 милијарди денари.

Медицинскиот директор помогнат од организацискиот директор извршил проневера во службата така што набавил лекови кои имал намера да ги присвои односно лекови кои фиктивно ги раздолжувал односно не ги аплицирал на пациентите во чие име ги раздолжувал.

Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица онколози меѓу кои и поранешниот директор кој е обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни.

Гоговска – Јакимовска рече дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил неподобен начин на лекување односно давал лекови од новите генерации со што тешко го нарушил здравјето на пациентите

Докторите, пак, одредувале терапија со лекови од нови генерации во фази кога било очигледно дека пациентот нема да има ефект од лекувањето со отстапување од дозирањето со што дополнително ја влошиле нивната состојба.

Со вештачењето на медицинските извештаи кај 29 пациенти е утврдено несоодветно давање на терапија, други 16 пациенти непотребно примиле терапија, а девет пациенти деле зел од терапијата.

Јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, изјави дека за да се обезбеди непристраност, Обвинителството успеало да обезбеди две медицински вештачења од Словенија и од Србија кои се однесуваат на различни сегменти од лекувањето на пациентите.

Биле испратени 65 истории на онколошки пациенти и било потврдено дека во висок процент терапијата не била давана онака како што е предвидено во протоколите за овие болести.

„Истрагата обезбеди докази кои ги потврдија сомненијата дека на Онкологија се вршеле злоупотреби и проневери со скапата биолошка терапија“, рече Коцевски.

Тој изјави дека сака да ги увери пациентите дека и покрај констатираните кривични дела, на Клиниката за онкологија работат и чесни професионалци во кои треба да се има доверба.

„Овој предмет мора да биде лекција за сите надлежни да се залагаат за унапредување на протоколите за работа на сите здравствени институции. Случајот покажува дека за жал состојбите во здравството кај нас се влошуваат“, рече Коцевски.