Грегоријан Биволару (71) од Романија и околу 40 негови следбеници се уапсени денеска во Франција под сомнение дека се членови на меѓународна секта која се товари за бројни кривични дела.
Биволару, кој претходно бил осуден за силување малолетници, себеси се нарекува „гуру на јога“, а 26 жени биле спасени кога членовите на неговата секта биле уапсени.
Тој и неговите следбеници се обвинети за намамување жртви, кои потоа физички и сексуално ги експлоатирале, под изговор дека „практикуваат јога“.
Во денешната акција за апсење учествувале повеќе од 175 полицајци, а жените кои „биле под влијание на сектата“ се ослободени.
Сектата, која Биволару ја нарече Движење за духовна интеграција кон апсолутното (Миса), има многу школи за јога и разни „работилници“, а извори од истрагата наведуваат дека точниот број на следбеници се уште не е утврден.
„Тешко е да се одреди бројот на следбеници, но се работи за неколку стотици луѓе“, рекол изворот.
Истрагата против ова движење била покрената во Франција во јули оваа година, а членовите се обвинети за искористување на ранливи луѓе, за организирање на нивни киднапирања, а потоа за нивно продавање во бело робје.
Случајот стана познат во летото 2022 година кога Лигата за заштита на човековите права поднесе пријава против „Миса“, повикувајќи се на сведочењето на 12 поранешни членови.
Според изворите, движењето Миса, кое дејствувало и надвор од границите на Романија, практикувало тантричка јога, со цел „да ги условува жртвите да прифатат сексуални односи преку техники на ментална манипулација насочени кон отстранување на секој поим за согласност“.
Сектата ги охрабрувала жените да „прифатат сексуални односи со водачот на групата“ и да учествуваат во создавањето порнографски содржини што се продавале во Франција и други земји низ светот.
Да потсетиме дека Грегоријан со години го барал Европол. Тој е обвинет за девет кривични дела, вклучувајќи трговија со луѓе и сексуална злоупотреба, извршени во Франција и Финска во периодот од 2006 до 2013 година.
По него е распишана меѓународна потерница по барање на Финска. Пред шест години била претресена неговата куќа во Сибиње, но не бил пронајден. Се верува дека тој пред извесно време ја напуштил Романија.
Биволару пред шест години бил пуштен на условно од затворот во Бистрица по отслужување на една година и два месеци од шестгодишната затворска казна. Тој е осуден во 2013 година за секс со малолетничка, а бил испратен во затвор во јули 2016 година, откако бил фатен во Франција и екстрадиран во Романија.