Обвинителката Ивана Трајчева најави жалба за предметот „Меѓународен сојуз“, откако денеска во Кривичниот совет беше соопштена пресудата. Обвинителката истакна дека не и е јасно како обвинетата Фросина Ременски била ослободена од Обвинение.

Самите оштетени посочија дека токму поради нејзината личност, функцијата која што ја извршувала во тој момент довела до потпишување на таквите договори. Кога ги имате овие два факти коишто судот и самиот ги прифатил, неспорно денеска тоа беше кажано, навистина не знам како на крајот судот донел заклучок дека Обвинителството во текот на постапката не докажа надвор од разумно сомневање дека го сторила делото кое што и се става на товар. Но, ние како странка во постапка имаме право на жалба и сметам дека тоа право секако ќе биде искористено – рече обвинителката Трајчева.

Воедно, што се однесува на осудителниот дел таа посочи дека се потврдила тезата на Обвинителството дека обвинетите ги сториле делата коишто им се ставаат на товар со предметниот обвинителен акт.

Во однос на казните морам да кажам дека ќе мораме да ја почекаме писмената пресудата за да слушнеме точно кои околности како олеснувачки и отежнувачки биле ценети од страна на судот при одлучување и одредување на видот и висината на изречените казни бидејќи, како слушнав и денеска, самите тие околности не ги слушнавте. Оттука не можам да ви кажам дали би имало жалба во овој дел по однос на веќе изречените казни – рече Трајчева.

Правниот застапник на првообвинетиот Бојан Јовановски, адвокатот Сашо Дуковски, после изречената пресуда за „Меѓународен сојуз”, изјави дека оваа судска пресуда не се заснова ни еден милиметар на докази коишто беа изведени во текот на постапката, туку е несреќен компромис помеѓу политика, а особено на личен анимузитет на судечкиот судија према моите клиенти, особено кон обвинетиот Бојан Јовановски.

Не влегувам воопшто во драконската казна дали е мала или голема, затоа што сметам дека во овој конкретен случај нема никакво кривично дело извршено од страна на обвинетиот Бојан Јовановски, изјави Дуковски и најави дека за ова пресуда ќе биде поднесена жалба.