Демократската унија за интеграција (ДУИ) претендира нејзин кадар да биде на чело на Јавното обвинителство за гонење кривични дела од организиран криминал и корупција и веќе има предлози за шеф на обивнителството.
Изборот за шеф на ова обвинителство за првпат зависи од сите обвинители во Македонија и наголемо се почнати лобирања и притисоци, објави Фокус.
На 7 ноември обвинителите од целата држава ќе гласаат кој да биде новиот шеф на ова обвинителство, а ваквата опција, според Фокус лесно би била изводлива доколку пред изборот се повлечат дел од пријавените кандидати или, пак, воопшто да не конкурираат, а како опција, на пример, останат еден или двајца кандидати.
Засега, само скопскиот обвинител Ермон Незири јавно кажа дека сака да застане на шефовската позиција во обвинителството кое треба да ја предводи борбата против организираниот криминал во државата.
Покрај досегашната шефица Вилма Русковска, која ја обзнани својата намера повторно да застане на чело на обвинителството, Фокус дознава дека кандидатура поднела и Енѓелуше Кадриу Леши, актуелна обвинителка во оваа институција. И името на гостиварскиот виш обвинител Ислам Абази, е можно да се најде на листата на кандидати, пишува Фокус.
Русковска се кандидира за втор мандат на чело на обвинителството, иако неделава беше и официјално обвинета за наводна злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување докази во случајот со претресот во Финансиската полиција.
Русковска во гостувањето на ТВ Телма рече дека токму пријавата и обвинението против неа ја мотивирало да оди на втор мандат за шефица во обвинителството за организиран криминал и корупција.