Обвинителството на Босна и Херцеговина веќе формираше предмети во случаи на негирање геноцид, врз основа на пријави од неколку граѓани, потврди за Радио Слободна Европа (РСЕ) Борис Грубешиќ, портпарол на Обвинителството на БиХ.

– Откако високиот претставник ја објави одлуката во петокот, во наредните денови веќе почнавме да добиваме пријави од неколку граѓани, така што некои предмети се веќе формирани, истакна Грубешиќ.

Во Босна и Херцеговина од денеска е забрането негирање на геноцид и други воени злосторства, како и глорифицирање на воени злосторници.

Измените на Кривичниот законик на БиХ, наметнати од Високиот претставник во заминување, Валентин Инцко, вчера беа официјално објавени во Службениот весник на БиХ.

За оние што ќе го прекршат Законот е предвидена затворска казна во траење од три месеци до пет години.