Судот добил позитивно мислење од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на барањето од Сашо Мијалков за излегување од притвор во Шутка.

Официјално од прес службата на Кривичниот суд, за ТВ Телма, велат дека се уште не е комплетиран предметот со позитивното мислење на судот и дека најверојатно и покрај најавите нема да има одлучување.

Адвокатите на Мијалков тврдат дека со барањето за ослободување е поднесена гаранција во недвижности со вредност од над 7 милиони евра.

Кауцијата ќе биде запленета од државата доколку Мијалков избега.

Мијалков е во истражниот затвор „Скопје“ од 23 февруари кога по неколкудневно мистериозно исчезнување се појави пред обвинителството да го подигне решението за притвор.

Претходно по информации на обвинителката Вилма Русковска за можно бегство на Мијалков, судот му определи домашен притвор, но полицијата не успеа да го најде на домашна адреса.

Извор: ТВ Телма