Претседателските кандидати водат релативно фер и пристојна кампања и во досегашниот дел се држат до потпишаниот Кодексот за фер и демократски избори, сметаат политичките аналитичари.
Очекуваат зголемување на темпото на кампањата во неделата што следи и кандидатите да ги кристализираат ставовите за гласачите да може јасни да ги разликуваат.
Имаше пецкања, забелешки, провокации, но немаше ниски удари меѓу нив. Иако имаше наелектризираност кај Пендаровски и Силјановска-Давкова, сепак, и првиот ТВ дуел мина релативно мирно, со меѓусебно ракување и поздравување на тројцата кандидати крајот од соочувањето.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека кандидатите релативно добро се држат во досегашната кампања.
– Не е нивото на овие избори како што знаеме дека може да биде. Не користат така ниски удари, како што сме навикнале, сепак е ова професорска група на кандидати, изјави Муслиу.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски кандидатите генерално се држат до нивото на фер и демократска кампања, со некои исклучоци за Ad hominem напади, меѓутоа во моментот тоа не е толку страшно.
– Мислам дека кампањата тече по некаков пристоен колосек. Има повеќе дебати, граѓаните имаат можност да ги видат кандидатите во живо, така што во моментот, мислам дека не е проблематичен тој дел, изјави Арсовски.
„Заробени“ во агендите на партиите
Претседателските кандидати, иако се најавуваа како натпартиски и консензуални, според аналитичарите не успеале да избегаат од политичката агенда на партиите и дека пораките им се во склоп со ставовите на политичките партии кои ги поддржуваат.
Според Арсовски, кандидатите се презентираат себеси како надпартиски, меѓутоа во основа нив ги бира партиски конгрес, и во таа смисла, посочува дека, повеќе станува збор за некаква мешавина меѓу нивната позиција на непартиски кандидат и фактот што партиите ги кандидираат.
Муслиу, посочува дека иако тројцата кандидати се трудат да се прикажат надпартиски бидејќи сакаат да земат и дел од неопределените гласови, тоа не може да го види во нивните настапи.
– Пендаровски е со пораката „Заедно напред“ и со неа апелира до сите етнички заедници, што е прилично иста порака со слоганот „Живот за сите“. Силјановска-Давкова е во опсегот на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и за Преспанскиот договор и за функционалноста на владата. Нема тука некоја разлика и не гледам каде се разликува. Река, можеби се труди да биде најнадпартиски, но и тој е во рамки на двете партии кои го поддржуваат, вели Муслиу.
Социјалните медиуми доминираат во кампањите
Социјалните медиуми генерално доминираат во кампањите на претседателските кандидати, меѓутоа не изостанува и искористувањето на колачот од државата за водење кампања. Забележуваат дека Гордана Силјановска и Блерим Река водат повеќе конвенционална кампања со класични трибини и средби со граѓани, додека кај Стево Пендаровски може да се види нов начин со повеќе интеракција.
Арсовски, како омилен медиум на комуникација кај секој од кандидатите ги посочува социјалните медиуми.
– Може да речеме дека Река е малку поприсутен на традиционалните медиуми, меѓутоа генерално социјалните медиуми доминираат во кампањите на претседателските кандидати, вели Арсовски.
Се телевизиските реклами, посочува Муслиу, ниту еден кандидат нема да промаши зошто друг ги подмирува сметките.
– Гледаме дека, дури и кандидатот на ВМРО- ДПМНЕ го има во албански медиуми и Река го има кај медиумите на македонски јазик. Силјановска-Давкова и Река одат на тој класичен начин, преку трибини, додека Пендаровски оди на новиот начин пред публика и комуницира со нив. Видовме дека не преферираат дебати, ќе видиме на втората како ќе се однесуваат, изјави Муслиу.
Кристализирање на пораките
Експертите очекуваат зголемување на темпото на кампањата во следните недели, особено што политичките партии ќе наметнат наратив на власт-опозиција и победник-губитник. Тројцата кандидати ќе треба да ги појаснат ставовите по одредени прашања и со тоа јасно да се дистанцираат пред гласачите на претстојните дебати.
Кандидатите во наредниот период, според Арсовски, треба малку повеќе да се фокусираат на нивните ингеренции, бидејќи засега премногу се фокусирани на општата политичка ситуација.
– Гордана Силјановска има проблем со наративот на сопствената партија и со фактот што тие немаат некаков план каде би се движеле, така што би сугерирал малку повеќе да се посвети на интеграцијата, особено со албанските гласачи и на нејзиниот план за настап во кампањата. Пендаровски треба малку повеќе да зборува за конкретните примери за тоа што би правел, а Река треба, исто така, малку да се посвети на сопствените ингеренции, изјави Арсовски.
Муслиу, очекува кандидатите во следниот дел од кампањата да ги кристализираат пораките и да покажат јасни ставови за конкретни прашања, бидејќи засега се матни во адресирањето на своите пораки.
– Мислам дека Река и Пендаровски имаат појасни ставови, отколку Силјановска-Давкова. Некои прашања се незгодни, ама мора да се заземе став. На пример, Преспанскиот договор, дали ќе го раскине или не. Таа има некои најави за расчистување на пораката и мислам дека на тоа и работат. Оваа недела ќе биде многу појасен нејзиниот став, вели Муслиу.
Очекува следната недела партиите повеќе да нападнат и дека повеќе ќе се бават и со влада и со опозиција, со успех и неуспех, и со функционалност и продуктивност.
– Мислам дека оваа недела треба да ги кристализираат ставовите за да се види разликата. Имавме мали разлики меѓу Пендаровски и Река и немаше опонирање меѓу нив. Ќе треба да се направи дистинкција зошто некој би се одлучил за овој или оној. Ќе треба последната недела појасно да може да ги разликуваме кандидатите и со јасни ставови во однос на ингеренциите кои ќе ги има идниот претседател, изјави Муслиу.
МИА