Од денеска до 21 јуни во повеќе градови низ Македонија ќе се одржува Петтата светска средба на децата бегалци во организација на Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија во соработка со здруженијата од Велес, Штип, Радовиш, Струмица, Битола, здружението „Чеган“ од Скопје и здруженијата на децата бегалци од дијаспората.
Подготовките почнаа во октомври минатата година, а настанот е во рамки на одбележувањето 70 години од напуштањето на нивните родни огништа во 1948 година за време на Граѓанската војна во Грција.
– Програмата на Средбата е прифатена од Владата на Република Македонија, Министерството за култура, Градот Скопје, како и општините каде се предвидени одделни активности, соопшти Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, кое ги има организирано четирите досега одржани средби на децата бегалци – во 1988, 1998, 2003 и во 2008 година.