Авиокомпанијата Ер Канада по 27 години се враќа во Хрватска, а првиот лет на „боинг 767“ на релација Торонто – Загреб на Меѓународниот аеродром „Фрањо Туѓман“ во Загреб е пречекан со традиционален воден поздрав.

– Ер Канада леташе до Загреб до 1991 година, па ни е посебно мило тоа што оваа реномирана компанија повторно се враќа на нашиот аеродром, рече Иванка Акмеџиќ, извршна директорка на аеродромот.

Додека траеше свеченоста по повод првиот лет кон и од Загреб, патниците на аеродромот веќе го чекаа летот кон Торонто. Тие денеска во 10,15 часот полетаа за Канада, а предвиденото времетраење на летот е 9 часа и 25 минути. До крајот на летото Ер Канада ќе има по четири лета месечно.

Со оглед на тоа дека во Канада има голем број Македонци, а скопскиот и загрепскиот аеродром се поврзани со редовен лет на Кроација ерлајнс, ова е добра вест и за граѓаните на Македонија и за нашите иселеници во Канада.