Словенија од денеска го презема шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ. За Македонија, тоа значи нова шанса за одблокирање на евроинтеграциите и нова надеж за почеток на преговори. И европски високи претставници го охрабрија словенечкото претседателство да работи по предлогот што на владите во Македонија и во Бугарија им го достави португалското претседателство, со цел да се најде решение на спорот меѓу двете земји.
Деблокирањето на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија ќе биде една од првите задачи на претседавањето на Словенија со ЕУ и тоа е „морално прашање“, изјави минатиот месец словенечкиот претседател Борут Пахор.
Тој нагласи дека треба да се изнајде начин Бугарија да и даде зелено светло на Македонија и оти тоа е сега е не само политичко, туку и „морално прашање“ за Европа, нагласувајќи дека напредокот во проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е важен за стабилноста на регионот.
– Свесен сум дека нема да биде лесно, освен тоа, се чини дека има уште повеќе можности Албанија да добие зелено светло, рече Пахор, но додаде дека од гледна точка на Скопје, ова би било доста трагично.
Директорот на Центарот за европски стратегии Евротинк, Димитар Николовски, изјави за МИА дека охрабрува фактот оти проширувањето, вклучително и отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија, е меѓу трите највисоки приоритети на словенечкото претседателство.
– Со оглед на географската положба и историските врски, Словенија е најдиректно засегната со ова проширување, во споредба со другите две земји од претседавачкото трио – Германија и Португалија, оценува Николовски.
Сепак, додава Николовски, не очекувам откочување на процесот за време на словенечкото претседателсто, поради фактот дека Словенија ја нема таа моќ на убедување.
– Позитивното е дека сме се уште највисок приоритет, па со ангажманот на помоќни земји членки би можело да има постепено приближување на позициите меѓу Бугарија и Северна Македонија, но тоа нема да биде краток процес, вели директорот на Евротинк за МИА.
По завршувањето на Советот за општи работи (ГАК) на 22 јуни, државниот секретар за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш, изрази жалење дека и покрај сите напори не беше возможно да се постигне договор за преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија, за да се одржи првата меѓувладина конференција со овие две земји кандидатки за членство во Унијата.
Таа додаде дека напорите да се дојде до позитивен заклучок ќе продолжат за време на претстојното словенечко претседателство, кое почнува на 1 јули.
Закаријаш рече дека и натаму ќе се преговара по предлогот што на владите во Северна Македонија и во Бугарија им го достави португалсткото претседателство со цел да се најде решение на спорот меѓу двете земји.
Таа истакна дека португалското претсадетелство дало се од себе за да дојде до можен компромис и да се најде можно решение.
– Навистина би сакале денес да имавме, не две, туку четири меѓувладини конференции. Но разбираме дека е многу тежок политички момент. Затоа би требало да најдеме решение со кое сите страни би се чувствувале комфорно. Го охрабруваме словенечкото претседателство да ги продолжи нашите напори, да не го загуби моментумот, да ја продолжи дебатата и да го искористи предлогот што е на маса. Навистина се надеваме дека што е можно поскоро ќе ги одржиме тие две меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија за време на следнот семестар, рече Закариаш.
На дебатата по прашањето за преговарачката рамка за С Македонија и Албанија, за за време на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург на 22 јуни, бугарскиот претставник рекол дека „ЕУ не ја разбира длабочината на проблемот“ помеѓу Скопје и Софија, дека овој спор е европско прашање, и дека притоа Бугарија се наоѓа во „специфична ситуација“ поради претстојните избори во јули, без да дава гаранции дека и идната политичка Влада во земјата ќе го деблокира ветото.
На состанокот на ГАК, Германија покажа силна заложба за почетокот на преговорите со Северна Македонија, но бугарската страна одби да попушти и покрај предупредувањата на земјите членки на ЕУ дека со оваа блокада „ЕУ си пука сама себе во нога“. Берлин од своја страна предупредил дека со вакво однесување ЕУ се претвора во „стратешко џуџе“.
Како што тогаш изјавија дипломати на ЕУ, на Софија и било предочено дека во прашање е кредибилитетот на целата Европска Унија и критиките на земјите членки кон позицијата на Бугарија биле „многубројни“.
Мнозинството земји членки исто така го потврдиле ставот дека се против одвојување на Албанија и Северна Македонија. Германскиот министер за Европа Михаил Рот, пак, за време на одржувањето на Советот за општи работи на ЕУ, објави дека Унијата без одложување треба да ги исполни обврските кон Северна Македонија и Албанија.
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир минатата недела исто така потврди дека Словенија ќе ги преземе напорите за предлогот на португалското претседателство со ЕУ.
Според него, октомври сега е реален датум за деблокада на европерспективите на земјава.
Северна Македонија си ја заврши „домашната задача“ и ние мора да испорачаме. Tреба да продолжиме да го туркаме процесот и да стигнеме до целта, за да ги почнеме преговорите, рече Гир.
– Дали октомври е реален? Да. Како што кажав, португалското претседателство работеше напорно, а Словенија потенцираше дека ова и е приоритет и ќе ја продолжи работата. И мислам дека сите разбираме дека треба да продолжиме да го туркаме процесот за да стасаме до целта и да ги почнеме преговорите, истакна евроамбасадорот.
Шефовите на дипломатиите на претходниот претседавач со ЕУ, Германија, досегашниот Португалија и идниот Словенија, Хајко Мас, Аугусто Сантос Силва и Анже Логар, на 26 јуни излегоа со заедничка изјава во која ветија напорна работа во претстојниот период со цел брзо надминување на моменталната блокада, откако С Македонија и Албанија не добија зелено светло за почеток на преговори на јунскиот самит на Европската Унија.
Министрите за надворешни работи на овие три земји во заедничката изјава го потенцираат значењето на продолжувањето на процесот на проширување, како стратешка цел на Унијата. Тие велат дека моменталната блокада го поткопува кредибилитетот на ЕУ и е во спротивност со стратешкиот интерес на Унијата за стабилност на Западен Балкан.
– Крајно сме загрижени што сè уште не успеавме да започнеме пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, и покрај фактот што Советот донесе одлука за тоа уште во март 2020 година. Двете земји спроведоа низа реформи, а Северна Македонија инвестираше голем политички капитал во проширувањето и дури и го промени своето име. Крајно време е, ЕУ да си ги одржи своите ветувања. Германското и португалското претседателство напорно работеа на изнаоѓање на компромис, кој ќе овозможи да се оди понатаму, а словенечкото претседателство ќе ги продолжи овие напори и ќе се надоврзе на досега постигнатото. Веруваме дека билатералните прашања не треба да се пречка за напредок, кој е од толку суштинско значење како за ЕУ, така и за Западен Балкан, велат во заедничката изјава Мас, Силва и Логар.
Тројцата шефови на дипломатии додаваат дека токму процесот на проширување и перспективата на членството во ЕУ ја нудат најдобрата можна рамка за надминување на различните гледишта кои постојат кај сите партнери од Западен Балкан.
Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, напротив, постојано се обидуваме да го олесниме, изјави португалската амбасадорка во земјава Марија Виржинија Мендес да Силва Пина, демантирајќи ги извештаите на бугарските медиуми од 29 јуни, дека државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш изјавила оти „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји”.
Пина, чија земја нагласи дека Закаријаш рекла оти „има политички момент кој ги отежнува работите во Бугарија и дека има сензитивни прашања поврзани со идентитетот, историјата и бугарскиот и македонскиот јазик”.
Во однос на изјавата на Закаријаш, претседателот Стево Пендаровски оцени дека тоа е длабоко погрешна изјава која ги поткопала сите напори кои нејзиниот колега од истата влада ги правел месеци наназад.
– Добрата вест е што португалското претседателство заврши, јас се надевам дека нашите пријатели од Република Словенија кои го преземаат кормилото на Европската Унија, следните шест месеци, ќе продолжат долж истата патека со полно уважување на виталните национални државни интереси на двете страни инаку поинаку не може да се дојде до договор, рече Пендаровски.
Во реакција за МИА на изјавата на Закаријаш во однос на македонскиот јазик, од Владата истакнаа дека доколку е прецизно пренесена, и по суштина и по методологија таа е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение и дека ваквите изјави никако не помагаат во процесот на градење доверба и заедничко разбирање.
– Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставниците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во Северна Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања, додаваат од Владата.
Министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва за МИА оцени дека неговата државна секретарка Закаријаш згрешила со изјавата.
Силва на прашање на МИА да ги разјасни дилемите што се појавија во јавноста околу деталите од португалскиот предлог порача дека тој содржи „македонски јазик“, и дека изјавата на државната секретарка, Ана Паула Закаријаш, во која таа користи „северномакедонски јазик“ е грешка.
– Не можете да очекувате од дипломати и политичари да бидат експерти по лингвистика, не ја поминуваме секоја секунда од секоја минута од секој час секој ден во употреба на соодветни прецизни термини од научна гледна точка, кога мојата заменичка се осврна на македонскиот јазик таа сакаше да каже македонски јазик, рече Силва.
Министерот понатаму додаде дека содржината на португалскиот предлог е прифатен од македонска страна и може да биде прифатен од бугарска страна. – Сметаме дека предлогот што го поднесовме и кој беше прифатен од Северна Македонија и мислам дека Бугарија може во блиска иднина да го прифати исто така, е многу јасен, зборуваме за македонски јазик и предлагаме дека со унилатерална декларација поддржана од декларација на Советот на ЕУ секоја земја ја дефинира својата позиција, македонскиот јазик е јазик дефиниран согласно Уставот на Северна Македонија и е кодифициран во 1945 година, но ако сакате да ја знаете позицијата на португалското претседателство, прочитајте го текстот, порача Силва.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва, на 21 мај во Скопје и Софија донесоа предлог за надминување на билатералното прашање меѓу С Македонија и Бугарија. Македонскиот држвен врв предлогот го оцени како добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со ЕУ кое не задира во македонските идентитетски прашања. Софија, пак, побара јасни гаранции за нејзините национални интереси и за целосно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година.
Земјава од декември минатата година се соочува со вето од Бугарија за усвојување на преговарачката рамка, со што официјално би почнале преговорите за членство со ЕУ. Софија тврди дека Скопје не го исполнува Договорот за добрососедство, а исто така инсистира С Македонија да признае дека идентитетот и јазикот имаат бугарски корени. Владата на С Македонија одбива да преговара за идентитетски прашања, истакнувајќи во многу наврати дека црвените линии, дури и по цена на членство во ЕУ се идентитетот и јазикот, оти за нив не се преговарало, ниту ќе се преговара во иднина.
Неда Димова Прокиќ за МИА