Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се очекува да прогласи вонредна состојба и тој потег ќе му овозможи да потроши пари за изградба на ѕид долж границата со Мексико без одобрување од Конгресот.

Тој, исто така, се очекува да потпише владин нацрт-закон за финансирање, што беше одобрен вчера од Конгресот. Предлог-законот спречува нова суспензија на работата на државните институции.

Демократите и некои републиканци предупредија дека одлуката на Трамп да прогласи вонредна состојба ќе значи – непочитување на Уставот. Од нив се очекува да се обратат до суд.

Ако прогласи вонредна состојба, Трамп ќе добие околу 8 милијарди долари за ѕидот.

Според „Вашингтон пост“, 1,375 милијарди долари се одобрени од Конгресот за 88-километарски ѕид во Тексас, а уште 6,5 милијарди американски долари Трамп планира да ги потроши без одобрување од Конгресот.

ABC News посочува од каде Трамп ќе добие пари: 1.375 милијарди долари од Конгресот; 600 милиони долари од Министерството за финансии, особено средства собрани при заплена на дрога; 2,5 милијарди американски долари од програмата на Пентагон за борба против дрогата и 3,5 милијарди долари од буџетот на Пентагон за изградба.

За последните, неопходно е да се објави вонредна состојба со цел да се искористат средствата.

Во меѓувреме, се наведува дека Трамп ќе стави вето на секој закон од Конгресот што ќе има за цел блокада на вонредната состојба.