По објавувањето на низа протоколи како граѓаните да се однесуваат кога излегуваат на кафе, престојуваат во некој хотел или купуваат во некој од моловите во време на пандемијата со Ковид-19, вчера од Државната Изборна Комисија (ДИК), беа соопштени задолжителните препораки за гласање на следните предвремени парламентарни избори.

Специфични услови за гласање ќе треба да се применат на 13 јули, првиот ден од гласањето, кога е предвидено своето избирачко право да го реализираат лицата позитивни на Ковид-19 и тие што се во самоизолација (домашен карантин).

Членот на ДИК, Борис Кондарко, во своето излагање за протоколите за избори рече дека на 13 јули избирачкиот процес ќе го спроведе Посебен избирачки одбор (ПИО), што ќе се состои од здравствени работници и претставници на политичките партии.

Според Кондарко, членовите на ПИО, ќе бидат опремени со лична заштитна опрема која се состои од: мантил за еднократна употреба, ракавици за еднократна употреба, стандардна заштитна маска и средство за дезинфекција. Членовите на ПИО, според утврдените задолжителни препораки, заштитната опрема ја менуваат по завршување на гласањето во домот на секој гласач, односно толку пати колку што ќе одат да посетат домови на лица каде што ќе се гласа.

– Лицето кое гласа задолжително носи заштитна маска преку носот и устата. При самото влегување во просторот (домот) најпрво лицето кое што гласа ги дезинфицира рацете. При влезот во домот на гласачот пред да му се даде гласачкото ливче, на гласачот му се дава заштитна маска доколку ја нема и задолжителни заштитни ракавици. При подавањето на личната карта лицето кое ќе гласа накратко ја симнува маската за идентификација и ја одржува препорачаната дистанца минимум од членовите на избирачкиот одбор, кои исто така се целосно заштитно опремени. Пред да му се даде ливчето за гласање на гласачот задолжително е да ги дезинфицира рацете на кои исто така има заштитни ракавици. По завршувањето на гласањето, лицето кое гласа повторно ги дезинфицира рацете. Во целиот процес на гласање задолжително се обезбедува минималната физичка дистанца од еден, до еден и пол метар, информираше Кондарко.

Нема да се спроведува дезинфекција на гласачката кутија после секој гласач.

Сличен процес на гласање ќе се одвива и на 14 јули, изјави потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, која истакна дека за разлика од 13 јули, процесот на гласање во домовите на болните, хроничните лица на 14 јули ќе го спроведат Основните избирачки одбори (ОИО). Тие според Шеху нема да носат мантили како заштита, заради тоа што не се работи за позитивни случаи од Ковид-19, но, ќе носат заштитна маска, ракавици и ќе треба да одржуваат дистанца. Маската членовите на ОИО треба да ја менуват на секои четири часа.

Болните од Ковид-19 и лицата во самоизолација треба да се пријават за гласање до Оштинската изборна комисија, преку полномошник, најмалку седум дена пред гласањето, односно до 8 јули на полноќ. Дотогаш за гласање треба да се пријават и другите болни и немоќни лица, а од за овие избори и лица со хронични болести. Оние што од 8 до 15 јули ќе бидат позитиви на Ковид-19 или лица што ќе мора да бидат во самоизолација нема да можат да гласаат на изборите. Рокот за пријавување за гласање на на лицата во домашен притвор е 11 јули на полноќ.

Пред неколку дена ДИК изврши избор на членови на здравствените избирачки одбори. Формирани се некаде околу стотина, а во нивен состав се тројца здравствени работници и претставници на политички партии.

Задолжителни мерки за гласањето на 15 јули

Елизабета Постоловска, како член на ДИК,  ја опиша постапката на гласање на 15 јули и рече дека ДИК е должна пред гласањето во просториите каде што ќе се гласа да спроведе темелно чистење, односно механичко чистење и дезинфекција на секое избирачко место во државата без разлика дали се работи за училници во основни и средни училишта, или пак се работи за приватни објекти.

 

– Сите 3.840 избирачки места ќе бидат дезинфицирани од ДИК. На денот на гласањето секој гласач е должен да држи пристојно растојание од метар и пол или два пред објектот на гласачкото место, како и пред влезот на секое гласачко место, и во самото гласачко место. Пред влегување е должен да ги дезинфицира рацете и должен да држи маска. На ниту еден гласач нема да му биде дозволено да влезе во гласачкото место ако претходно не ги дезифицира рацете и не носи маска. Следниот чекор е кога гласачот влегува со маската во избирачкото место и истиот е должен при идентификација на кратко да ја извади маската за избирачкиот одбор да го утврди неговиот идентитет. Рацете ќе треба да се дезифинцира при влегувањето и излегувањето од гласачкото место, појасни Постоловска.

Избирачките одбори внатре во просторијата, како што потенцира, се должни да седат на дозволено растојание од метар до метар и половина, и постојано да носат заштитна маска, како и ракавици. Гласачите не треба да носат ракавици кога ќе влегуваат во гласачките места.

Во меѓувреме тече обработката на Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори, што треба да биде заклучен и потпишан најдоцна до 4 јули. Од утре, 29 јуни, продолжува едукацијата на избирачките органи вклучувајќи ги и здравствените избирачки одбори. Општинските избирачки одбори и Избирачките одбори ќе се едуцираат за задолжителните препораки согласно Препораките за почитување на мерките за Ковид-19, додека здравствените работници ангажирани за гласањето на 13 јули за процесот на спроведување на гласањето. Тековно ќе се врши и пополнување на испразнетите места на адинистративците во изборните органи. На изборите ќе бидат ангажирани околу 35.000 луѓе во ОИК и ИО, околу 500 здравствени работници, администрацијата во ДИК, како и одреден број дополнителни лица.