Круме КЕПЕСКИ
Сметам за пријатен долг да се заблагодарам за убавите зборови што пред малку во својот реферат ги искажа мојот колега, Благоја Корубин, по повод одбележувањето на тридесетгодишнината од излегувањето на Првата македонска граматика и нејзиното значење за македонскиот народ.
Во исто време би сакал како автор на граматиката и самиот да кажам на неколку работи кои се во врска со овој важен момент во поновата македонска историја.
Најпрво за тоа како со развивањето на македонската национална свест се родила и развивала замислата за создавање на граматика за македонскиот јазик.
Познато е дека мисла за создавање на таква граматика постоела кај неколку македонски преродбеници од минатото, свесни за нејзиното значење за македонскиот јазик.
Партение Зографски во шеесеттите години од 19 век имал намера да напише граматика на западното македонско наречје, но тоа не го остварил. Венијамин Мачуковски од село Мачуково, Гевгелиско, учител од Кукуш, исто така, имал замисла да издаде македонска граматика и тоа на гевгелискиот говор. Во 1872 год. тој дал дури и оглас во Цариградски весник за претплата на граматиката која како ракопис ја употребувал во учителската практика. Граматиката не ја објавил, бидејќи тоа го спречила Бугарската егзархија со седиште во Цариград.
Трет претходник со идеја за пишување на македонска граматика е македонистот Ѓорѓи Пулевски во својот „Речник од три јазика“, издаден во 1875 год., предлага: „Да се соберат од сите македонски краишта „људи учени који го познавајет јазикот мајкин чисто“ и „тие да состават граматика“, „пак да остане како света таја книга за сите школа, а и за други книги писање“.
Подоцна, во почетокот на овој век, Крсте Мисирков во својата книга „За македонцките работи“ му дава првостепено значење на Македонците на литературниот јазик. Во својот литературен јазик, вели тој, македонскиот народ ќе може да се ослободи од „мрежите на очите“ што му ги ставаа пропагандите и хегемонистите. Во својата книга Мисирков покажа, односно даде образец како треба да се пишува на литературен македонски јазик. Како што е познато тој го определи централното македонско подрачје, односно прилепско-битолскиот-велешкиот народен говор како основа за литературниот јазик.
Со здобивањето на нашата национална слобода во Народноослободителната борба, во ослободената Македонска Федерална Држава во која со Решението на Првото заседание на АСНОМ се озакони заведувањето на македонскиот литературен јазик, се создадоа благопријатни услови за развиток, како на нашата просвета, така и на нашата култура. Тогаш кога во сите наши села и градови се отворија голем број школи и други културни институции, историска беше нужноста од создавање на граматика за македонскиот литературен јазик. Самоиницијативно, чувствувајќи патриотски долг да му помогнам на својот народ, се одзвав на апелот од Крсте Мисирков кој вели: „македонската интелигенција требит да зборуат меѓу себе на централното наречје и тоа наречје имат да бидит литературен јазик на Македонците“, како и на апелот на Ѓорѓи Пулевски: о познавајет јазикот „људи учени који го познавајет јазикот мајкин да се соберат и состават граматика“, и се зафатив со тешка задача – со пишување на првава Граматика на македонскиот литературен јазик. Пишувањето го почнав во месец фебруари 1945 г. А Граматиката излезе од печат во крајот на јануари 1946 год.
Краткото време со кое располагав за составувањето на Граматиката заради нејзината итна потреба за училиштата кои отпочнаа со настава на мајчин јазик ја определи и нејзината обемност. „Со таа мала, но многу значајна книга“, вели рецензентот д-р Макс Робич, е дадена структурата на македонскиот литературен јазик. Во неа се доразработени јазичните норми што беа дадени со Првиот македонски правопис од 7 јуни 1945 год.
Покрај со спомената рецензија на Словенецот д-р Макс Робич, Граматиката наиде на позитивна стручна оценка и кај други наши лингвисти, како и меѓу лингвисти од странство, од кои ќе ги споменам: Де Бреј (Англија), Сергеј Бернштајн (СССР), Андре Вајан (Франција), Фринта (Чехословачка).
Разбирливо е што појавувањето на оваа прва Македонска граматика предизвика голем интерес како во нашата, така и во странската јавност. Нејзината појава сушност му посведочи на светот за самобитноста на македонскиот јазик, за тоа дека македонската нација постои, дека е стварност, а судбината на македонскиот народ беше таква што, како што вели во својата рецензија на оваа граматика англискиот лингвист Де Бреј, иако „прв од сите словенски народи преку браќата Кирил и Методиј да создаде словенска азбука и писменост и несебично да им ја предаде и на сите Словени, последен од словенските народи да биде признат како самостоен со свој литературен јазик“.
Граматиката придонесе и за афирмацијата на македонскиот јазик.
На крајот сакам да укажам дека во Граматиката е јасно покажано оти македонскиот јазиксе разликува и фонетски, и морфолошки, и синтаксички од соседните јазици, од српскохрватскиот и бугарскиот, и оти има своја посебна структура која што е поставена уште со формирањето на македонскиот народ, а подоцна понатаму се развива. Како таков јазикот посведочува за нашата национална самобитност при што никакви извртувања и фалсификати на некои бугарски и други учени, задоени со хегемонистички идеи, не ќе можат да ја скријат вистината за македонската дејствителност.
15. мај 1976 год.