Пишува: Блаже Миневски

Во декември 1902 година, при својата посета на Софија, рускиот министер за надворешни работи, гроф Ламздорф, се сретнува со задграничното претставништво на Македонската револуционерна оргаинизација за да го изрази своето незадоволство од врачениот проект за автономија на Македонија. Притоа, министерот категорично инсистира да се разбие секаква помисла дека православна Русија стои зад македонските револуционери и во одлучен момент јавно ќе застане на нивна страна.

Рускиот министер Ламздорф

Затоа, претходно, на 3 октомври 1902 година, Ламздорф со таен допис бара целосна ликвидација на македонските револуционерни одреди како предуслов за барањата кои треба да се поднесат кај турската влада за реформи во Македонија. Во писмото до Зиновјев, руски амбасадор во Цариград, Ламздорф потсетува дека револуционерното движење во Македонија е еден од значајните фактори што ја попречуваат примената на реформите.

Следат уште многу документи во кои се гледа антимакедонскиот став на руската дипломатија, а рускиот амбасадор во Цариград, во март 1903 година, самиот признава дека вложува големи напори за надминување на сите пречки за реформи, а за тоа секојдневно му се обраќа на султанот и Портата. Со телеграма испратена до царската влада во Петербург, Зиновјев потврдува дека редовно и со задоволство го информира султанот за сите преземени мерки за спречување на каква и да е револуционерна дејност во Македонија.

Според телеграмата, Русија со полна доверба и ја препушта на Турција слободата за дејствување против ’македонските бунтовници’, залагајќи се за жестоко задушување на востанието. Знаејќи го ова може да се констатира дека Русија се согласила со илјадниците убиени старци, жени и деца, со палењето на стотици села и куќи, со десетиците илјади протерани Македонци од своите родни огништа. Во таа насока, никаква ’братска загриженост’, искажана подоцна, не ја вади официјална Русија од дадената согласност за крваво задушување на востанието.

А за тоа, во Петербург, не само што знаеле  туку и директно учествувале со совети и разузнавачки податоци. Самиот министер Ламздорф ќе изјави дека негова желба е турската влада насекаде да ги уништи македонските комитети, залагајќи се за целосно уништување на четите. Според изјава на Ламздорф, самиот султан Абдул Хамид II сметал дека е должник токму на Русија за уништувањето на востанието и на четите што дејствувале во Македонија. Без Русија, признал султанот, не ќе можело така ефикасно да се уништи македонската револуција.

(Продолжува)