Рускиот дипломатски претставник во Белград, Машков, со тајна телеграма од 14 март 1903 година, известува дека се подготвува големо и масовно востание во Македонија,  а  тоа значи дека ’револуционерното движење не се смирува туку расте’. Во телеграмната остро ги критикува водачите на македонското движење. Руската разузнавачка служба, следејќи го движењето на Борис Сарафов известува дека на 9 април 1903 година ’по разузнавачки канали е добиена информација дека од пределите на Австрија преку територијата на Србија во скоро време ќе бидат доставени значителни транспорти со динамит за Македонското револуционерно движење.

Транспортот на динамитот, се вели во разузнавачкиот извештај, е во надлежност на познатиот македонски револуционер, Борис Сарафов, кој е еден од  најзаслужните тајни агенти на австриската влада во македонското движење… Веќе извршените експлозии по линијата на турската железница укажува на активната вмешаност на австриската влада во развојот на македонските револуционерни работи, а целта е  вмешување на големите сили во  решавањето на македонското прашање…’

Според руски извори од средината на август 1903 година, германската влада дала пријателски совети султанот ’да ја организира војската и со енергични акции да ја задуши македонската револуција’.

На 21 август 1903 година, турскиот амбасадор во Петербург со задоволство ја известува Високата порта во Цариград дека руската влада не само што не ја изменила својата балканска политика туку препорачува Турција да примени најстроги мерки против востаниците. Во повратната телеграма до турската амбасада во Петербург, султанот Абдул Хамид II му заповедал на својот амбасадор да му се ’заблагодари на рускиот министер за надворешни работи за поддршката за задушување на востанието во Македонија’.

Кога есента 1903 година, Петербуршкото благотворително друштво испратило 10.000 рубљи за македонските бегалци, а рускиот црвен крст прибрал големи средства за Македонците, официјална Русија постојано се оградувала тврдејќи дека станува збор за хумана помош од поединци, а не за некаква поддршка на македонското револуционерно движење, притоа вложувајќи максимални напори таквата помош во никој случај да не падне во рацете на револуционерите.

Според ’проверени извори’ на рускиот конзул во Битола

Сарафов лобирал да биде прогласен за кнез на Македонија!

Во извештајот на рускиот амбасадор во Цариград, И.А. Зиновјев, со датум од 2 јануари 1902 година, меѓудругото се информира дека ’нашиот конзул во Битола од проверени извори дознава дека кнезот Петар I Караѓорѓевиќ води преговори со претседателот на Македонскиот комитет  – Сарафов, за негово прогласување за претендент на идниот македонски кнежевски престол. Овој предлог е примен добро од организаторите на македонското движење, бидејќи кнезот Караѓорѓевиќ ветил дека ќе и даде 3.000.000 франци на Организацијата за водење на пропаганда.

Македонските револуционери се уверени дека оваа кандидатура ќе биде поддржана од Русија со оглед на блиското роднинство на кнезот Петар со црногорскиот кнежевски двор.

Само неколку месеци подоцна, во извештај од јуни 1902 година, се зборува дека  Сарафов е добро финансиран  од Австрија, која го насочува за скоро кревање на востание во Македонија. Според извешатајот, ’Сарафов живее во Виена, со австриски пасош издаден од австриската влада, посетувајќи ја често својата љубовница што живее во Пешта. Австриската полиција не само што јавно го штити Сарафов туку му одобри и почесно лично обезбедување’.

Во заклучокот на извештајот се констатира дека Сарафов ’конечно премина на австриска страна и сега, следната пролет, сака да крене, како што вели самиот, револуција во Македонија’.

Русија  прва го информира султанот дека се  подготвува востание во Македонија!

Грофот Ламздорф, со тајна телеграма од 9 февруари 1903 година, го информира својот амбасадор во Турција, Зиновјев, дека располага со доверливи информации оти напролет, или најдоцна до почетокот на летото, ќе почне востание во Македонија, па во врска со тоа бара да се обрне внимание востанието да се спречи по секоја цена“.

Министерот бара амбасадорот веднаш да и пренесе на отоманската влада да обрне сериозно внимание на инфорамцијата, настојувајќи Пората да преземе соодветни мерки за пресекување на активностите на бунтовниците во Македонија, кои можат да предизвикаат опасни компликации на целиот Балкански Полуостров’.

Со други зборови, Русија прва го информира  султанот дека во Македонија се подготвува востание, и дека тоа востание треба да биде спречено пред да почне. Само неколку месеци подоцна, користејќи руски  разузнавачки информации,  Турција крваво го задушува Илинденското востание во Македонија.

(Крај)

Претходните две продлженија