Од 1 декември ќе биде дозволена употреба само на биоразгрдаливи кеси, кои ќе се продаваат по цена од 15 денари. Најголем дел од надоместокот ќе оди во Фондот за заштита на животната средина.
Од декември се забрануваат и амбалажите за пакување или служење храна во угостителските објекти, за почеток само во заштитените подрачја.
Со ваквиот потег треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи кои ја загадуваат околината.
За средствата од продадените пластични кеси, трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.
Ова се дел од мерките вградени во шесте пакет закони во делот на управување со отпад што беа донесени во септември оваа година, со цел да се подигне свеста кај населението за намалување на отпадот и да се применат стратегиите и другите политики во Европската Унија за повторна реупотреба и рециклирање, користење на отпадот како гориво и депонирање, како најнепосакувана опција за справување со отпад.
За заштита на животната средина, но и за усогласување кон европското законодавство Владата преку неколку закони, планира да се справува со отпадот. Целта е и постепено да се премине кон циркуларната економија, каде што преку рециклирање на отпадот се добива готов производ.
Инаку, од почетокот на јули во земјите членки на Унијата стапија на сила забраните за употреба на пластични производи за еднократна употреба. До сега, во целост се применува во само осум од 27 членки. Во рамки на овие правила, сламките за пиење, пластичните шољи, чинии, прибори за јадење, кесите за пакување храна, чепкалките за уши, се исклучени од продажба. Во употреба остануваат пластичните ПЕТ шишиња.